Ноќ за ноќ
впивам во себе зборови напишани од неговите прсти
и неприметно боса газам по
ливада полна со опојни мириси на волшебни цвеќа.
Јас,бел празен лист
а тој по мене со невидливо мастило во
сина боја
ја испишува епопејата
на животот негов.
Се вовлекува во секоја пора,
низ вените,
и тече до срцето како отров кој лекува.
Полека,стилски,неприметно.
Магични допири,
се вовлекуваат
во пукнатините на мојата душа,целивајќи лузни закрвавени.
Зборови милуват
како да се тоа неговите прсти
кои шетаат по моето голо врело тело и не престануваат,
сакајќи уште..давајќи уште.
Глад нескротлива,
очите сјаат како светулки во приквечерјето на волшебната долина,
гледајќи ги нашите ликови во мирното езерото.
Ноќ за ноќ..
Ги затворам ушите да не ме обземат целосно
тие непознати кои го топат мразот,
во скапо вино..
Ноќ за ноќ..
Го одбивам патувањето на тие блудни мисли кои водат таму некаде,
во земјата на чудата.
На подарок,најценетото.
Стихија во невреме понудена.
Стихови нанижани од ризницата на неговата душа.
Повторно
ноќ е...
Би пишувала.
Би се препуштила.
Тивок шепот одѕвонува нечујно:
Не предизвикувај ја судбината,цехот е скап.
Поет,
сонувач занесен,
така стабилен,
со поглед широк како
комлетното постоење на светот,
упатен од поинаков агол,
друга димензија.
Судбината..
Судбината е таа која планови крои,
тоа е таа што не спои.
Слепи сопатници случајни минувачи,
еден спроти друг во купето седнати во возот за Оз.
И тој е таму,јас онаму..
Јас ваму,тој секаде.
Јас секаде,тој на почеток.
Се приближувам кон крајот.
А средината каде е?
Далеку..блиску,
еден од друг,
никогаш еден до друг.
Се разминуваме постојано.
Тлее,
жарче неразгорено,
скокоткајќи ги мислите,
краде моменти,
нуди соништа..а јас со студена вода го полевам и
гасам.
Ноќ за ноќ..
Светла ноќ.
Стиховите на поетот,
бегство од реалноста.
