Кога портите на крајот ќе ги затворат овие уморни очи,
со циничен тон ќе побарам уште една шанса,
последно чувство заринкано во брегот на изглоданиот морнар,
кога со меч духот мој ќе се расцепи од ова тело,
тело на роб, тело на бледа вистина,
кога умот ќе исчезне како последниот здив на давеникот,
ќе замине,
ќе одлета таму каде што ќе се родам мртов,
таму каде што ќе заборавам едно раѓање, еден живот, една љубов,
ќе пробам да излажам, ќе пробам да создадам еден нов град,
ќе пробам да сокријам неколку спомени,
столбови издигнати над песокот од минато,
со сјајот на ѕвездите врз небото да ги врежам,
со синилото на мојата крв да ги накитам,
да ме потсетат кога те бакнував, на прегратките,
на чувствата кои не можев да ги искажам,
само да не те заборавам,
да не згаснам, да не згаснеш,
да не бидеш ничија, да не бидам ничиј,
Господи,
вети ми дека постоиш.