Телефонот заѕвоне. Наеднаш гласно и нетрпеливо. Од книгата ми останаа уште неколку недочитани страници. Копнеев да ги прочитам што поскоро но тоа го оставив за подоцна.
Сега се вратив во реалоста. На наткасната од спротивната страна ја здогледав сликата која пред некој ден ја врамив во темно сивата рамка. Тоа беше слика од заедничкото патување низ Европа кое конечно го остваривме со моите другарки. Животниот ветар не не однесе во таа авантура кога бевме девојки, но после се уживавме не грижејќи се дека нешто требаше да направиме утре. Имавме големи и паметни деца какви секој посакува, успешни кариери и на околу педесетина години бевме заљубени до уши во своите избраници од младоста. Неможев да барам нешто повеќе од животот. Сликата беше спомен од денот кога пиевме чај во Виена, уживајќи на топлото сонце.
Дора изгледаше најмладолико, косата и беше кратко потсрижена и прилично побелена, ниедна од нас не ја бојадисуваше својата коса а сепак изгледаше фантастично. Клеа носеше лилаков гламурозен шешир, Јоана кок високо на главата, а Ани две плетенки кои лесно паѓаа надоле. Мојата долга бела коса се вееше слободно пуштена на тивкиот ветар. Се смеевме гледајќи во апаратот кој го држеше туристот замолен да не слика.
Некој сеуште чекаше да кренам слушалка. Забрзано чекорев надоле по скалите кон дневната соба. Се прашував зашто Дако не одговори на повикот.
Беше седум часот попладне, но сонцето сеуште дарежливо ja расфрлаше својата светлина насекаде.
Телефонот конечно престана. Некој се измори чекајќи ме. Пак ќе се јави, помислив, а на стаклената масичка забележав малечко ливче свиткано на пола.
Отидов да трчам, пишуваше. Беше задлабочена во страниците на книгата. Чај ќе пиеме кога ќе се вратам. Те бакнувам, Дако
Низ целотот тело ми струеше копнеж за неговата прегратка. Домашниот телефон заѕвоне повторно. Сега бев тука, немаше потреба од брзање. Се јавуваа од градската болница.
- Вашиот сопруг доживеа инфаркт, госпоѓо Калиси. Го слушнав строгиот и воздржан глас на болничката рецепционерка и веднаш пребледев. Тогаш за првпат вистински се плашев од смртта. Ме голташе бран паника, а потоа наеднаш тага и страв.
- Жив е нели? Добро е? Кажете ми дека е добро, дека ќе биде добро. Само толку успеав да изустам, а очите веќе ми се наполнија со солзи.
Во мене немаше ни трага од храбрата и силна жена. Таа целосно уплашена се изгуби во лавиринтот меѓу животот и смртта.
- Да, жив е.. продолжи рецепционерката, срцето му е слабо и..
Наредниот момент возев на југ кон градската болница. Возев брзо и неуморно додека солзи ми се слеаваа по образите. Ќе пиеме чај кога ќе се врати, јас ќе стојам над шпоретот а тој ќе ме гушка прикрадувајќи се. Да, така ќе биде се тешев. Ќе ми ја милува косата и нежно ќе се бакнуваме држејќи се за раце.
Мора да биде така, си велев обидувајќи се да се убедам во тоа.
Набрзо влетав во болницата, големата зграда беше темна, мрачна или можеби мене така ми изгледаше. Дознав во која соба го сместиле Дако, трчајќи и бришејќи си ги солзите се фрлив во неговата прегратка.
А тој беше многу слаб, речиси неподвижно лежеше потпирајќи ја главата на тврдата перница. Во собата која беше слабо осветлена се гледаа контурите на две остарени тела кои се обидуваат да сфатат што им се случува. Силниот човек во кој бев вљубена беше поврзан со некои апарати и машини кои ја покажуваа состојбата на неговото срце. Се забележуваше дека одвај дише, а срцето речиси и не му отчукуваше. Всушност отчукуваше со долги паузи и во ниски интервали. Кога почувствува дека сум покрај него ги отвори очите и низ долгите трепки го забележав сјајот кој секогаш го имаше само тогаш беше ослабнат. Се чинеше дека ѕвездите во неговите очи трепкаат сакајќи да изгаснат.
- Те чекав љубена. Тебе сакав да те видам. – успеа да проговори факајќи ми ја раката.
- Тука сум, цврсто го стиснав за рацете кои му беа студени и се грееја од моите кои се препотуваа од вознемиреност. Ќе бидеш добро, додадов и самата колебајќи се во она што го реков.
- Ах, Андреа, доктор сум. Нема да бидам добро. Срцето ќе ми откаже секој момент. Се поткашла напрегајќи се.
- Не зборувај, одмори се.
Се воздржував да не заплачам. Требаше да бидам храбра, требаше да бидам утеха на човекот кој беше до мене цел живот без да проговори дека некогаш му е лошо покрај мене. Низ воздухот се чувствуваше мирис на етил алкохол и горчливи течности.
Морам да зборувам мила моја. Морам. - буква по буква ги нижеше зборовите кои му тежеа на душата. Смртта ме демнее.
Се плашиш ли од смртта ? прашав.
Тој тешко издиша и ми ја помилува раката.
-Да, малку. Смртта ќе не раздвои но јас ќе те чекам во рајските градини Андреа. Ветувам ќе те чекам. Заедно ќе уживаме бањајќи се во водопадите на љубовта и ќе доградиме нашиот свет. Грижи се за Венера, ти го правиш тоа најдобро и . . .
- Шшш.. го ставив својот показалец на неговите усни. За момент ми се причини дека устата му е здрвена и премногу сува. – Заедно ќе се грижиме за нашата ќерка. Ќе бидеш тука. Успеав да нацртам насмевка на своето лице.
- Подобро е побрзо да се соочиме со вистината, продолжи Дако.
- Но... и веќе немав глас, ниту зборови. Само солзи и уште повеќе солзи. Те сакам, те сакам му шепотев а ноќта која паѓаше над болницата ја растураше својата магија без да обрне внимание што се случува наоколу.
- И јас те сакам, секогаш имај го тоа на ум. Неговиот благ стисок го чувствував на брадата а погледот вперен во мене му беше беспомошен и неутешлив. Не грижи се, нема да ти недостигам Мртвите се невидливи, но не и отсутни. Бакни ме љубена, и чувај го нашиот куфер. . .
И имав што да чувам. Неколку децении кои го заплискуваа мојот живот и се собираа во куферот со спомени. Сигурно ќе го чував.
Ја приближив својата усна до неговата. Нежно се споија во еден прекрасен, последен бакнеж кои сеуште лепливо почива на моите усни. Те љубам, беа неговите последни зборови. Ги слушнав додека заминуваше. Те љубам, одвратив, но апаратот веќе отсликуваше права зелена линија.