Интересно е како човек се менува низ годините. Живее години и години со своето его (edge God out). Го храни како канаринец во кафез и самиот тој станува и канаринец и кафез, би требало да е благодет да си две нешта во животот, но не е така. Добар заклучок кој може некој да го донесе. Можеш и ти ако доволно го бараш. И така неколку утра се будиш во исто време, не можеш да разбереш зошто тоа ти се случува. Го поврзуваш со несоница и уште една после неа и уште една, како нешто да те силува (милува) константно. И така еден ден се будиш со едно големо благодарам во градите, што воопшто постоиш и се е поинаку. Немаш повеќе амбиција било што да сториш, сакаш и се препушташ на тоа што си и постоиш, без малициозност во себе, ниту ригорозност, ниту апатија за емпатија, доволно е што само си тоа што си. Твоите очекувања кон средината и луѓето во неа се еднакви на тоа што тие очекуваат од тебе, иако се работи за равенка со три непознати, јас, ти и животот, доволно фер да го изговориш и примениш, а применуваш само препуштање на космосот и се што досега не е објаснето. Живееме, умираме и како тоа да е бескрај кој не го разбираме, само го боиме во илјада бои, ако кажам чувства ќе навредам некого, умешно го сокривам и метафорирам, затоа што бојата дава само живот, која ја посакуваме и кога ќе не нема, и црната е убава сламка за која се фаќаме. Не сакам да развлекувам, затоа што тоа ни е во природата, да траеме до недоглед, а јас сум сега само импулс, затоа што ќе се создадат ако кажав илјада бои, некои ќе побараат милион, а се што сме само момент, во времето кое е вечно и никогаш нема да го допреме неговиот ковчег, помири се и уживај во него, како да не постои, биди само ти и сите, две нешта кои обединуваат, изворот не брои капки, само тече и не говори ништо.