Минатата година ова време си мислев дека станав дел од нешто што можеби со посвета и труд со тек на време ќе ми донесе нешто повеќе, нешто подобро. Но, поминаа 12 месеци и сеуште се наоѓам на истото место, со заработени вкупно 60.000 денари. Мнозинството ги заработува тие пари за 3 до 4 месеци, максимум пола година. Некои пак за еден или 2 месеци. Бедни 1000 евра за една година. Ниту една врата отворена, ниту пак нешто корисно научено и добиено. Само зголемена желба за заминување од ова минијатурно мизерно местенце на планетава.
Од друга страна пак, ми се случи една од најубавите работи во животот. Конечно уживав во мал дел од уметничките дела кои третина од мојот живот посакував да ги видам. Духовно и културолошки се просветлив.
Со многу дружења, прошетки, вечерни излегувања, сакање и љубење; со исчитани нешто повеќе од дузина книги; со изгледани еден мал куп филмови; се трудев да си откријам што е можно повеќе која сум и што сакам од себе си, од луѓето и општо, од животот. Делумно успеав.
Се надевам дека во новата година сите кои ми значат и ги сакам ќе останат со добро здравје и со што е можно помалку проблеми и болки во секојдневието. Се надевам дека она во кое што ќе вложам пари, време и труд уште на самиот почеток на 2016-тата година, ќе се исплати и ќе имам шанси да направам нешто интересно поврзано со истото. Се надевам дека ќе добијам можност за барем едно (долго посакувано) патување надвор од Балканов. Се надевам на многу работи и се што би можело да биде во моите раце, ќе се потрудам да го искористам максимум.