Таа ја тресна силно вратата и го забрза чекорот низ бетонските скали надолу по тесниот ходник, прерипувајќи по неколку на еден чекор.Надвор, мракот веќе беше ги покрил сите околни згради, кои сега чиниш, наликуваа една на друга. Единствено темината ја нарушуваа црвено – жолтите светулки зад аголот каде што вработените од локалната продавничка растрчано пробуваа да ги постават над вратата подготвувајќи се за новогодишната еуфорија, што таа, ја најде задушлива и досадна. Не ја фаќаше место, а нервозата пулсираше низ нејзината вратна жила. Не знаеше каде оди, но знаеше дека не треба да престане. Само да продолжи. На првата уличка сврти лево, ги одмина детските нишалки што морничаво чмаеа под искршените улични ламби и се упати накај градскиот парк. Најпаметно, помисли. Единственото место каде што ќе биде сама. Тежината во градите сеуште и создаваше физичка болка и доби желба што побрзо да се изгуби во темнината. Од страна слушна неколку високи женски тонови кои, седнати на клупите и без ни малку срам, мошне живо разговараа за појавата која што штотоку ги одмина. Наликуваа на локалните старици што на пладне се собираа на крајот на уличката, дуејќи се и перчејќи се која ќе соопшти посензационална и пошокирачка вест. За неа сите беа исти. И младите. И старите. Сите го ставаа носот таму кај што не им е местото. Сите им забодуваа нож на најблиските (иако и самата не беше сигурна што значеше тоа ,,најблиски”), а потоа се жалеа дека народот се расипал. Но таа не беше иста за нив. Таа беше чудак. Опшествен отпадок. Резултат на суровата селекција на опшеството. Отпадок за пријателите, за роднините, за родителите кои не и обрнуваа внимание па од вечерва, дури и за него. За нив таа беше девојката во црно, чија појава ја сепнуваше крвта во нејзиното рутинско движење. После се’, на Неа и беше сеедно поголемиот дел од времето. Освен во ваквите моменти кога се ќе и се насобере. Го закопчи црниот капут за да го спречи бунтот на ветерот, ја намести црната капа под која се криеше долгата прекрасна црна коса и во истиот миг се претопи во темината, поедеднакво ненадејно како што дојде. Позади неа го остави звукот на гумените чизми, нејзините чекори во ноќта.
. . .
Тивко ја затвори надворешната врата зад себе, загушувајќи го звукот на радиото и кратејќи ги своите чекори за да не направи голем шум. Му беше потребен малку простор, малку спокој да ја одмори главата под светлината на рапавата месечина. Посегна по кутијата со цигари, но таа веќе беше празна. Се изнервира и ја стутка со дланките. Му се чинеше дека проблемите постојано му дишат зад вратот, а тој, колку повеќе им се спротиставува, тие иронично му возвраќаат во стилот ,,но чекајте, тоа не е се’.” Беше премногу глупав да украде, а премногу горд да се покори. Само да ја преживеам цела таа голгота, размислуваше.А животот му беше повеќе од голгота. Беше постанал сурова борба. Не, тој не се бореше за пари, сожалување или парче лош тутун во неговата уста. Се бореше за почит. Не за негова. Туку за почитта на двегодишната ќерка која слатко го крадеше сонот в постела, и за почитта на неговите родители. За почитта кон неа, што ја изгуби толку прерано. Од самите мисли му дојде мака.Удри со тупаницата по оградата, ги облече црните чизми и речиси безшумно, ја затвори вратата од ковано железо за да се упати некаде, сам со своите чекори како најверен пријател, некаде во ноќта.
Во паркот таа вечер беше потполно мирно и тивко. Амтосферата наликуваше на метална школка која ги впива сите истурени бисери да ги заштити од бурата и пената што доаѓа со неа. Само звукот на два пара чевли со спротиставен правец одекнуваа во мракот.И еден сосема краток, наивен поглед.
Toj не сакаше да ја исплаши. Ниту да ја прекине во нејзиниот од.
Таа не сакаше да го исплаши. Ниту да го прекине неговиот од.
Не, тоа не беше поглед за уште една лигава љубовна приказна. Toa беше поглед на взаемно разбирање. Тоа беше размена. Инстантна размена на утеха, на подршка на разбирање. Размена на сочуство, соживување и на истрајност. На момент кој вели – ,,Издржи, само продолжи”..Споделување на цел светови и далечни галаксии без ниту еден изустен збор само преку фокусот на зениците .Само еден сосема краток поглед. Поглед дека не си сам со проблемите. Тоа беше се’.
Продолжија секој по својот пат. Секој со тежината на своите чекори.
Тие беа Чекорите. Тие беа столбовите на разумното, емотивното и логичното. Чекорите на грижливоста, на постојаноста, на истрајноста. Чекори на вредностите. Чекори на егзистенцијата. Чекори кои чекорат за да сочуваат, создадат, заштитат.Чекори на кои им е битно да направат нешто за и од себе. Чекори кои ветуваат.
Кој е крив за нивната судбина вткаена во нивниот чекор вечерва? Тешко ми е да кажам но, најверојатно - јас. И јас пробувам да зачекорам во ноќта.