еве еден успешен пример да се види
Саботни муабети
Еден поинаков свет, надвор од Феjсбук!
Огнен Јанески
Точно 5 дена и 20 часа и не знам колку минути немам Фејсбук-профил. Едноставно, минатата сабота го исклучив. Се рехабилитирам. И сакам да видам што, впрочем, човек, којшто професионално и приватно станал зависен од Фејсбук, може да прави на денешницава доколку тој профил веќе го нема? Аш бубата – не постои! Сега, но, веројатно не и во вечни векови. Што значи – (не)амин!
Дали некој, на пример, ми знае еден од трите мобилни телефонски броја? Дали некој можеби знае каде живеам и која ми е адресата? Дали некој можеби знае која ми е електронската адреса? Дали можеби и случајно некој би знаел дека имам фиксен телефон дома? Дали ќе сретнам некого на улица, сосема случајно, така шетајќи, како што среќавав пред 4-5 години? Хммм...
И впрочем, како би контактирале луѓето со мене ако им требам за нешто? Ако им требам за кафе, за да однесам здравствена книшка во мое име за нив, за пијанка, за растовар и варосување, за нижење тутун? Или, на пример, доколку немам Фејсбук, дали повторно секој ќе може да ме најде кога сака и при тоа да се договориме за гостување во емисија? Или да си добијам критики и пофалби? Или дали некој ќе ми пушти СМС за да им притиснам „лајк“ на некоја фотографија, или ќе ми дотрчаат на улица, прашувајќи ме: „Ти се допаѓа мојата нова фотографија?“ И најјакото, дефинитивно – дали некој во клуб, на вечер, ќе дојде да ме праша (машко или женско, сеедно) дали сакам да имаме секс, па притоа да ми наброи сочни детали што би правеле, за време на коитусот. А да, ги заборавив и понудите за бракови и врски од обостран или едностран интерес.
Тууу, какви опции мајката нудел Фејсбукот! Многу прашања, а уште толку повеќе одговори, но и нови дилеми. А мојата рехабилитација, според реален животен „тајмлајн“, изгледа(ше) вака:
Ден 1. и ден 2. – АПСТИНЕНЦИЈАТА
- Неверојатно беше откривањето сосема нови светови откако го исклучив Фејсбукот, иако во овие два, најтешки први денови – имав... ретко, но – да, имав желба за да си го вратам профилот. Но, се воздржував, како и секој зависник од наркотици, лекови, алкохоли, храна, секс, музика, ТВ и сличните со нив. А, да! Новите светови! Сфатив, на пример, дека не мора да прочитам 20 статус-објави на Фејсбук доколку сакам да знам какво е времето надвор. Можам едноставно да излезам на тераса – браво! И среќа, не беа така тешки првите кризни дни.
Ден 3. и ден 4. – СФАЌАЊЕTO
- Сфатив дека не треба да се нервирам, оти некој ќе ми изговори „сВатив“, зашто и така звучноста е слична при реалниот говор, наместо на „чат“! Сфатив, дека можам да прочитам он-лајн весници, информации, а да не чекам некој да ги сподели.
Сфатив, дека наместо да „квачам на стол“, вртејќи го тркалцето од дигиталното глувче за да видам кој каде се „тагнал“ пиејќи кафе „грмкајќи си јакичко“, можам да ги допрочитам сите започнати книги во ЈСП, при возење низ историски збунетиов град. Сфатив дека можам да ги догледам сите започнати филмови и серии. Дека можам да излезам и да прошетам, притоа гледајќи ја природата. Сфатив дека можам да станувам од сабајле и да си пуштам песна наместо да најдам некој на ФБ што објавил, па да преслушам нешто нивно. Сфатив, дека гости за емисија можам и на телефон да договорам! Најважно, сфатив дека во реалноста, фотографските „дак-фејс“ ликови се ретка (не)сорта! И за време на вечерно излегување, сфатив дека либидото си работи нормално, како и при сајбер-секс.
Ден 5. и ден половинка – РЕАЛНОСТА
- Најстрашно ми беше соочувањето со реалноста. Таа вистина постоела, надвор од Фејсбук! Замислете, има луѓе, што живеат во некој паралелен универзум, кој ние сме го заборавиле! Вечното прашање: „Драга „таа“ – дали се тие трудни?“
П.С. Не плачете мили либиња, јас пак ќе се вратам. Кисис ту ол! (три срценца)