…..Можеби ќе си го побијам сопственото мислење дека и покрај сѐ не се менуваме до толку, не се менуваме во основата и суштината. Би било навистина добро кога би успеала. Зашто јас немам проблем со остатокот од „содржината“. Добро, имам и со тоа, но не во толкава мера. Мојот проблем е основата, суштината.
Можам ли да се победам себе?
Не е паметно ни да се обидувам? Тоа е првиот чекор кон себеуништување?
Па добро, можеби тоа и ми е целта. Самоуништување. Можеби ако целосно ги растурам коцките, ќе успеам да ѝ побегнам на рамката. Така барем сум ги решавала препреките секој пат кога ќе запнело некаде.
Додуша прво се обидувам да преспијам и оставам да слегнат размислувањата и впечатоците, па потоа продолжувам, согледувајќи ја препреката од малку поинаков агол.
Не дека не се обидов и сега така, но очигледно не е возможно да преспијам доволно долго. Би ми требало најмалку месец дена преспивање. Знам, после месец дена би била како нова, но за жал, таков луксуз не ми е достижен.
Значи нема друго чаре. Само тоа – растурање на коцките и почеток од нула.
Нема да биде едноставно, ниту брзо, знам. Но се чини дека во вакви моменти, време имам бескрајно многу. Фак ју Ајнштајн. Да не беа твоите мудрувања, можеби времето поминато со него ќе ми траеше подолго од ова кое го минувам сама. Ако ништо друго барем ќе ја немав таа грутка во грлото секој пат кога ме бакнуваше за добредојде.
Да, лута сум и не размислувам разумно. А како би можела да размислувам разумно? На разумот одамна му ја треснав вратата пред нос. Но, се провлече идиотот низ клучалката, всушност сосем мал дел од него, сосема доволен за да ми ги изгребе розевите наочари. Неверојатно е колку многу една сосема мала гребнатина може да го привлече вниманието и да го прикова погледот токму таму каде таа сака. Дури и кога ги затворав очите, го чувствував нејзиното пецкање. Тој што нѐ создал вакви точно знаел што прави.
Лута. Кому? Ех, кому? На сите. На сѐ. Нејзе. Нему. Нам…… (себе).На сите. Зашто ме оставија. Зашто не сакаат да ме остават. Зашто заминаа. Зашто не сакаат да заминат. Зашто се тука. Зашто сум сама.
Сама сум.
Тука некаде. Ни горе ни долу, ни лево ни десно. Тука, во меѓупросторот. Имам бескрај пред себе, имам бескрај зад себе, но само тука, вдолж линијата. Лево еден амбис, десно друг. Позади нив, два света. Нивните. А никаде мост. Заробена во бескрајот. Звучи неверојатно. Звучи неблагодарно. Звучи проклето. Тука некаде. Сама сум….