Од низа работи кои не ми се допаѓаат кај нашиов менталитет, е игнорантноста кон ментални заболувања. Само што си идам од кафе, неславна работа се случи со еден познајник и тоа се од криење на ментално заболување и неодење на лекар бидејќи "што ќе речат луѓето ако се дознае дека дома имаме болно дете". Менталните заболувања, се заболувања, исто како што е дијабетот, срцевата слабост, високиот притисок и слично. Повеќето од нив си имаат соодветна терапија со која може многу да се подобри човековото живеење. А ако не се третираат, ем човекот трпи тешки маки, ем може да е ризичен за околината (не знам колку имате гледано Empire, има една сцена со најстариот син што се случи кога своеволно ја прекина терапијата за биполарно растројство). Мора, значи мора да се дигне малку совеста кај народов и да се прекине стигматизацијата дека луѓето на кои им е потреба таква помош се ненормални, ретардирани и дека е срамота да се посетуваат специјалисти лекари за таа проблематика. Имав чест да разговарам со професор кој има работено во Шведска во клиника за испитување на шизофренијата како болест и самиот тој кажува дека таму сите деца ги носат, си примаат соодветна терапија и животот им е далеку подобрен. Тука кај нас имал само неколку пациенти и тоа со судни маки донесени и молење да не излезе дека ги третира. А самите родители не се свесни дека со тоа ем себеси си го уништуваат животот, ем на детето со тоа што дозволуваат болест да прогредира без третман. Резултатите можат да бидат катастрофални, а можело да се спречи. Менталните болести не се играчка, посебно депресијата, во модерниот свет статистиките покажуваат дека 3/5 луѓе страдаат од истата, а не примаат никаков третман. Секојдневно ги слушаме резултатите, еве некни Крис Корнел се самоуби, Робин Вилијамс исто, Aлександар МекКвин и уште многу други. Обични луѓе да не зборувам колку завршиле трагично затоа што не побарале помош. Од срам, страв, сеедно. Затоа, крајно време е да се вршат едукации низ школата за ваква проблематика, нови генерации идат, мора да се менува менталитетот. Не очекувам од баби на 60 години да си сменат мислење и да го изгубат тоа "ќути и не го носи детето по такви доктори нема да го/ја венчаме", aма мора да се врши едукација на помладите генерации. Затоа што тие личности заслужуваат подобар живот и терапија исто како некој кој страда од болно срце. И од нас мора да почнеме, без стигматизирање, потсмевање или омаловажување на сите кои имаат ментално заболување.