Јас никогаш не сум имала фобија од физички нешта. Ниту се плашам од пајаци, ниту од инсекти (не дека не ми се гадни, али сепак фобија немам), ниту пак од кловнови. Немам ни други кои се многу чести. Немам од темница, ни од тесни соби, ниту пак од висина. Имам една од која толку се срамам, толку е бизарна што освен на еден човек што му ја имам кажано не верувам дека ќе ја кажам на друг. Во последно време ми се јавува уште една, како ја преполовувам првава половина од моиве дваесетти години, така се почесто ме стега. Не сакам живот каков што има нашава популација овде. Морници ме лазат кога гледам типична фамилија каде сопружниците се толку мртви одвнатре, онака на мажот денот му почнува со пиење за до го поднесе полесно, потоа некоја работа од која сака да се самоубие, па потоа кладилница или кафана, муабет за политика, за фудбал чат пат и по некое оговарање. Жениве не се ништо поарно, слави, имендени, родендени се прават од што мора, денот хајлајт турската серија, погано кафе на кое се реди муабет за цел град, перење, пеглање...
Имам фобија од адултна рутина. Не дека сум филозоф или дека ме инспирираат quotes како оној I was not born to just work, pay bills and die, еден го шерна, сите по него како Мариовците и маглата, туку едноставно страв ми е. Страв ми е дека ќе заглавам во некој loophole, дека ќе заглавам во рутина од која ќе полудам. Гледам некои девојки веќе се омажија, други едвај чекаат, се радуваат, размислуваат за брак и деца. Јас ништо од тоа не посакувам. Напротив, нагон за повраќање ми доаѓа од горното сценарио. И не е само тоа, страв ми е дека баш оти сум така и воспитана, амбициозна, hard working person, дека само на тоа ќе се посветам, само на работа и дека ништо друго нема да уживам.
Страв ми е од просек... Не дека сум јас нешто надпросечна, или различна или посебна, не сум, ама знам дека не сакам да бидам типично Македонско човече кое живее оти мора. И страв ми е дека нема подобро. А можеби и ќе биде подобро, може само да ми е quarter life crisis ова. Се надевам, затоа што сон не ми доаѓа последниов месец.