Дионис (старогрчки: Διώνυσος или Διόνυσος) бил бог на грозјето, виното, на ритуалниот (обреден) занес, природните мени, раѓањето и смртта и религиозната екстаза во старогрчката митологија. Тој бил популарен во старогрчката митологија и религија, особено како божество кое се славело во рамките на секојдневниот живот, и се смета дека бил вклучен меѓу дванаесетте олимпијци. Дионис бил последниот бог прифатен во планината Олимп. Тој бил најмладиот бог и единствениот со смртна мајка.[1] Неговите фестивали биле движечката сила зад развојот на грчкиот театар.[2][3] Најраните култни слики на Дионис покажуваат зрел маж, со брада и добро облечен. Подоцнежните слики го покажуваат како голобрад, сензуален, гол или полугол, млад и андрогин, додека литературата го опишува како нежен и женствен.[4] Дионис е претставен од градските религии како заштитник на оние кои не припаѓаат на конвенционалното општество и на тој начин го симболизира сето она што е хаотично, опасно и неочекувано, сè што бега од човечкиот разум и што може да се припише само на непредвидливоста на боговите.[5] Тој бил син на Зевс и на Семела, принцезата на Теба и ќерка на херојот Кадмо. Неговото раѓање било необично. Кога неговата мајка почнала да гори од погледот кон телото на Зевс, бидејќи го имала замолено да и се појави во својата оригинална форма, Зевс го извадил Дионис од утробата и го зашил во своето бедро, за да се роди кога ќе дојде време. Хера, која била бесна поради неверството на Зевс, се здружила со титаните да го убијат малечкиот Дионис. Меѓутоа, по неговото убиство, Дионис бил вратен во живот. Токму оваа симболика го поврзува богот Дионис со раѓањето и смртта и природните мени. Потоа Зевс им го дал малечкиот Дионис на чување на шумските нимфи. Кога го изгледале, Зевс ги наградил со тоа што ги возвишил како ѕвезди. Во древниот Рим Дионис е познат под името Бакх или Либер.[6] Тој е исто така наречен Eleutherios ("ослободителот"), поради тоа што неговите вино, музика и танц се сметало дека ги ослободувале неговите следбеници од страв и грижа.[7]