Отсекогаш сум сакал долго време да се зверам во запалено оганче, чувството кое тоа го буди е недефинирано но некако убаво, хипнотичко, би рекол дури и магично.
Не зборувам за било каков оган, пожар, горење на запалена гума или бензин, тоа е срање.
Но оганче запалено од собрани суви дрвца кои крцкаат при горењето, тоа целосно го задоволува пироманот во мене.
Не знам дали е тоа останато во генетскиот запис па затоа и филингот. Можеби пак сето тоа нема никаква врска со записите во спиралниот код и само лупетам, али шта је ту је...како и да е, огнот развеселувал илјадници генерации наши претци па и помогнал човекот да опстане како вид.
Можам да замислам раја седнати во пештера во 24.768 година п.н.е како со озарени лица гледаат во оганчето кое им овозможува топлина и светлост.
И други, во некое друго време како припремаат храна за себе, уживајќи во мирисите кои се шират. Како се сушат нивните скромни алишта наводенати од бура.
Како огнот на средината на живеалиштето ги мотивира оние надарените за прикажување да почнат да раскажуваат за вампири, ѓаоли и сеништа.
Па дури и во скорешно доба пред пар генерации како раја се радува на оганче на кое се печат костени или компири.
А како што се знае, една од ретките апсолутни вистини во овој дел од мултиверзумот е дека не постои подобро зготвен компир од оној запретан во жар и пепел.
Тоа ме носи до мојата следна опсесија а тоа е компирот како растение, јадно и никакво топчесто кафеаво битие кое е уште едно во низата потценети врсти кои некогаш носеле спас а денес носат радост за непцата. Али то је друга прича...