Ние не се познаваме
Ние сме постојано заедно.
За нас велат – неразделни.
Да бидам искрена?
Тогаш искрено би рекла – глумиме точно научени улоги.
Веројатно постојат исклучоци.
Ммммм, бледо се сеќавам, запознав премалку од нив.
Би рекле – се движиш во погрешни кругови.
Велам – грешките не` туркаат напред.
Ќе речете – смешно, успесите се тие кои поттикнуваат.
Ќе одмавнам со раката – да се вратиме на муабетот.
Би прашале – бегаш од темата која несакајќи сама ја наметна?
Ќе се насмевнам.
Веројатно ќе Ви го премолчам одговорот.
Ќе донесете заклучок. На моја сметка. Претпоставувам – негативен.
Нема да се вратиме на муабетот.
А сакав да Ви кажам.
Дека ние, навистина сме неразделни.
И навистина глумиме точно научени улоги.
Во ташничките чуваме точно научени реченици.
Имаме точно определени реакции за секакви прилики.
Знаеме се` една за друга.
Освен она што го премолчуваме.
Колку искрено не се поднесуваме.
Простете ми на дрскоста.
Јас сум само една од нив.
И сурово искрено велам – Ние не се познаваме.
Само глумиме точно научени улоги.
Моите пријателки и јас.