ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ СЕ ТОА ЕБАТЕ, АМИ ШО...
Нашата традиција и покрај богатото наследство, не секогаш ни оставала
дела со трајна употребна вредност. Во денешно време, од практични
причини, дел од овие културолошко-архитектонски градби треба
да се реконструираат.
Претстојните локални избори се токму можност за тоа.
Еве да речеме во Битола. Заради тесните улички од давнина, денес градот
се соочува со невиден сообраќаен хаос. Но, само летимичен поглед врз
соседниот град, Прилеп, ќе се види дека таму состојбата е поинаква.
Зошто е тоа така.
Во Битола, познат меѓу другото и како град на клавирите, кога во минатото
се граделе улици, за мерка се земале два клавира да можат еден покрај друг
да се разминат.
Во Прилеп, кога во минатото се граделе улици, за мерка се земале две
магарина натоварени со кошеви тутун да можат едно покрај друго да се
разминат, што овозможило многу поширока улична зафатнина од клавирите.
Прилепчани уште тогаш биле со визија за денешнината. Колку пошироки улици,
толку по будали на четири тркала.
Свесни за историската монументална грешка, Битолчани дошле на ум централната
градска улица, која по сите основи е тесна, да ја именуваат како „Широк Сокак“,
со цел да и дадат некое посебно просторно-временско имагинарно значење,
и ако поимот сам по себе е противречен. Ако е широк, што е тука сокак. Токму
ваквите конфронтирачки улици предизвикуваат сообраќаен хаос оти за нив не
постои соодветен сообраќаен знак. А да не зборуваме за многуте туристи кои се
шетаат низ Широк Сокак, зверејќи се на окулу и со ироничен потсмев мерејќи ја
широчината таму каде ја нема. „Ако овој им е широк, какви им се другите“,
коментирал некој.
Прилепчани со своите знаменитости многу-многу не се занимавале, но при
изградбата на Саат Кулата прво што им текнало на умот, а и на нешто друго со
четири букви, било саатот малку да го накриват за да личи на прчикур.
Затоа, прво што идните градоначалници по изборите треба да остварат, е овие
грешки да се исправат.
Идниот битолски градоначалник треба одма Широк Сокак да го брендира како
најтесна широка авенија во светот, на чии излози ќе блештат сите познати светски
модни трендови. Заради збогатување на духовната и културна атмосфера, да ги
повика духовите на некогашните битолски конзули, грациози и дембели, како и
познатите историски ликови, кои ќе фигурираат на црвен тепих како свечана
ложа. Секако, ќе му треба и еден поголем булдужер за да ги збрише оние грдоби
од разно разни кафански настрешници и платоа за улицата да си ја врати својата
автентичност, а Манаки скриен од некаде да снима, снима...
Прилепскиот градоначалник под Саат Кулата ќе треба добро да го подметне својот
грб и еднаш за секогаш да го исправи и напрчи, токму онака како му доликува и
личи на прилепските мајтапчии и курнази. Со тоа ќе симне голем товар од
менталниот склоп на своите сограѓани, кои со векови останувале тука да го крепат
саатот да не падне.
Ако ова го ветат и остварат, ќе гласам за градоначалник.
Барем тогаш не ќе можат да лажат дека нешто направиле.