Беше навистина возбуден, срцето му чукаше силно чиниш ке му излезе од градите. Не мислеше на студот, на болката во неговите мали и премрзнати рачиња, на црвеното влажно носе. Иташе нагоре низ улицата држејки ја мајка си за рака и постојано прашуваше уште колку пат има...
За прв пат чекореше по таа улица. Се беше шарено и светло... волшебна улица, така мислеше тој...
Најпосле стигнаа. Неговата мајка внимателно го препрочитуваше она што беше напишано на малиот лист хартија, се плашеше да не ја погреши адресата, а тој нестрпливо подскокнуваше, му се пристори дека чека цела вечност.
Се отвори волшебната порта. Некој чуден старец им го покажа патот кон волшебната соба, а во таа соба имаше најразлични волшебства кои му го одвлекуваа вниманието. Неговата мајка ја испушти неговата мала рака и се упати кон старицата која удобно си седеше во својата фотелја и воопшто не им обрнуваше внимание. Ја гледаше мајка му како со наведната глава, вкочането, згрбавено се приближуваше кон старицата. Се мачеше да изговори нешто, едвај можеше да зборува...
Сакаше да ја прегрне, да и каже нешто, било што, но во тој момент го здогледа најубавото нешто што го видел дотогаш - елката која стоеше во центарот на собата. Седна покрај неа, внимателно ја разгледа од сите страни, се воодушевуваше на нејзините бои, на најразличните форми на лампиони... мечтаеше, копнееше... Ја гледаше таа убавина и тонеше во нејзе, патуваше на најразлични места, му се пристори дека вкуси најубави вкусови... Пресреќен скокна во скутот на својата мајка и на сиот глас ја праша ``мамичке, дали кога би имал ваква елка Дедо Мраз ке ми носи поголеми паќетчиња, со многу, многу слатки, со многу играчки... мамо кога ќе имаме ваква елка?`` Мајката ја наведна главата, толку многу се подгрбави што му се пристори дека ке падне. Забележа дека таа чека одговор од старицата. Не му беше јасно, ништо не можеше да разбере... Старицата направи чудна гримаса, воздивна како нејзе да и е потешко. Неговите мали и сјани очиња тогаш за прв пат ја видоа торбата на Дедо Мраз, но таа не беше шарена, не беше обоена во најубави бои, не беше преполна со најубави вкусови, не беше сјајна и волшебна... Таа торба беше темна и горчлива. Таа торба се надвисна над него и неговата кутра мајка како црна дупка која се токмеше да ги проголта како што им ја проголта гордоста, достоинството... како што им ги проголта и последната трошка надеж и верба... Тој само гледаше во збрчканата рака на грдата старица која полека се протна во волшебната торба скриена во шарениот фустан, во раката која извади неколку шарени хартии и ги фрли на масичката пред неговата мајка...
Во таа торба немаше љубов. Во таа торба имаше само милостина која тежеше толку многу што тој и неговата мајка долго го носеа тој товар...