Еднаш кога бев помал поминав со мајка ми покрај просач, во ГТЦ. Мислам дека беше помало дете. Побара од мајка ми "некој денар" и мајка ми го погледна, па го одмина. Јас, бидејќи бев разгалено дете и лут затоа што веројатно нешто не ми купила, не обрнав многу внимание.
Се упативме кон продавницата што е на првиот спрат, веднаш кон крајот на трговскиот, под скалите за вториот кат. Мајка ми купи големо Милка чоколадо и веднаш се израдував. Плати, го стави во кеса и се вративме кај детето. Мајка ми го извади чоколадото, го отвори и му даде еден ред. Се осигура дека ќе го изеде редот, а потоа му го даде целото чоколадо.
Ми кажа дека вака, дури и некој друг да му го земе чоколадото, барем детето го пробало. Ако му дадела пари имало голема веројатност дека некој ќе му ги земе и веројатно ќе купи цигари со нив.
Колку се срамам до ден денес не можам да опишам.
Е сега што е до вас, колку вие би се сожалиле и дали би направиле вакво нешто?
Самото чувство кога ќе направиш вакво нешто е преубаво. Не сум од оние скептици кои мислат дека мојот труд нема да биде ценет, дека веројатно лажат и се обидуваат само да измамат луѓе.
Но, вистината е дека почесто се сожалувам отколку што всушност правам нешто околу тоа. Време е малку повеќе да дадам, и време е многу луѓе малку повеќе да дадат.
Дали давате на просачите и бескуќниците некој денар, или сте им купувале нешто или пак само сте ја свртеле главата и сте ги разминале?
Најчесто ми се случило да ги разминам, но се случило и да дадам. И ќе продолжам да давам. Само затоа што јас не морам да го правам тоа што они го прават и имам покрив над глава и храна на масата - не мора да значи дека треба да се однесувам како дигнат морон. И не само јас, и други луѓе истотака.
Дали има некои исклучоци?
Секако. Обично помалите се многу некултурни и вршат огромен притисок. Се има случено низ трговски да следат некого долго време, се има случено да плукаат кога некој ќе одбие да им даде пари. На другарка пред неколку години на предните скали на ГТЦ и се фати за нога и не ја пушташе.
Претходното лето бев да земам сендвич од оние продавниците за брза храна кај Триумфалната Капија (Чичко Стоилко, Нино, итн.) и само што го извадив новчаникот ми дојде мало девојче-ромче и ги испружи рацете. И дадов десет денари и си отиде. Неполна минута потоа дојдоа уште 2-3 девојчиња и се собраа околу мене и почнаа да се буткаат. Толку ми стана незгодно што ги извадив сите железни пари и им ги дадов. Потоа ми текна дека не само што имав десетки, туку и неколку 50ки во железни пари.
Не се налутив поради парите што им ги дадов, туку затоа што им ги дадов колку да се тргнат од мене затоа што се буткаа, буткаа други луѓе и ми вршеа голем притисок. Не им ги дадов затоа што сакав, туку затоа што морав.