Еднаш љубев едно момче, со него проживеав многу работи. Сеуште се сеќавам на денот кога прв пат се сретнавме, тогаш не знаев каков е, ниту кој е. А ниту тој не знаеше. Се запознавме преку едни наши познаници. Тој ден кога се запознавме никогаш нема да го заборавам, тој ден ме потсетува на еден почеток - почеток со тажен крај. Не знам како можеше да биде толку безчувствителен, а јас една мала и наивна тинејџерка. Никогаш не разбрав зашто ме бакна како да бакнуваш првпат, за да ме однесе на облаците и потоа наеднаш да ме спушти во гроб? Многу добро се сеќавам на таа вечер, ми прелетуваа пеперутки и тогаш почувствував за прв пат што е тоа Љубов. Се сеќавам те прашав што сум ти од таа вечер, товар или богатство? Ни двајцата не го знаевме одговорот. Иако не сакав да се залетувам ти ме врза со своите синџири, ме заведе со твоите слатки зборови, сето тоа стана корен на се што растеше подоцна, а тоа подоцна стана вистинска експлозија. Јас се сеќавам на секој збор проговорен од твоите дебели усни, кои ги љубев како дете кога нурнува во една сочна лубеница, се сеќавам и на прегратките кои ти ги подарив и на оној момент кога ти реков дека ни бакнежите ни прегратките не ја искажуваат ни половина од мојата љубов. Тогаш Ти посака нешто повеќе од мене. Да, се сеќавам и на онаа вечер кога кога срцата ни грмеа над градот што блудно пиштеше, ти знаеше дека си ми единствен, а јас на тебе ти бев ли?! Се сеќавам и на сите твои лаги, лаги кои ми беа помили и од вистината затоа што беа твои! Колку други освен мене имаше кога ме гушкаше, а мислеше дека заради љубовта сум слепа и не можам да ги видам, ама тие мене ме гледаа. И знам дека знаеш дека не знам, но јас се знаев! Се! И повторно премолчував поради љубовта која ме обземаше. Ти простував за се уште пред да признаеш! Јас те чекав секоја вечер и секоја вечер бев сама... Секогаш се бањав во чад од цигари и устата која ти ја подавав беше еден голем пепелник. Имавме ли се заедно? Ми даваше ли се потребно? Добиваше ли се побарано? Толку утра и толку ноќи - непроспиени, толку молитви за една љубов. Па кој друг да беше веќе ќе му здодееше, но мене не! Мене никогаш не ми здодеа да те сакам, многумина се чудеа како можам да те сакам без да се заситам, како гола стојам на студ и давам да ме маваат камшици, како ти тогаш не сакаше да ме заштитиш за и самиот да не се повредиш. Премногу ја мразев ноќта што не разделуваше кога секој по свој пат ќе си тргнеше и единствено што имавме беа кавгите и оние зборови кои беа најтешки за изговарање. А многу добро знаеше дека за друг не се сеќавам и дека друг нема да паметам, кога кај друг ме испраќаше знаеше дека тебе те сакам, кога бараше калап за мојата величина не можеше да најдеш зошто бев огромна како вселената, како лагите што ги кажуваш. Огромна и бескрајна како празнотијата во твоето срце и како сите кревети на кој некогаш си милувал други. Јас висев во твојот свет како алишта што се сушат на разбеснет северен ветер, а ти сонцето не го даваше ниту за 1000 искрени бакнежи!! Потоа ги затвори сите тешки капии од твојот живот, мислеше не сум достојна да ги пречекорам праговите и да те гледам кога плачеш... А знам дека ти беше мака и дека ти беше тешко, а некогаш и убаво ти беше, но многу ретко. Знаеш дека солзите мои не капеа од болка туку од страв, зошто се плашев дека ќе нема збор со кој потоа ќе ти кажам колку те сакав и колку ќе те сакам и откако ќе ме нема. И откако ќе те нема... Колку повеќе те гонев - толку подалечен ми беше. Залудно беше. Сакав да спојам две течности - мојата и твојата! Две живи струи - рацете и нозете, да сме така скаменети додека поплава не не однесе и гром не не уништи. Јас му бев лош другар и учител на срцето кога тоа се вљубуваше повеќе одколку што можеше да издржи. Тебе не те болеше мојата болка кога плачев под ѕвездите, а од очите ми капеше мастило...
Се сеќавам дека ме направи девојка која знае дека е посакувана, девојка со став, девојка која се чувствуваше љубено иако не беше така. Кога најмногу ми требаше, кога нашата врска доживуваше криза - ти исчезна без никаков збор. Тоа драги мои не беше Љубов, и никогаш не може да биде, затоа што саканите личности не ги напуштаме без оглед на се! Го допрев дното, но повторно зачекорив на површината благодарение на личноста која ми пружи рака во најтешкиот период од мојот живот. Личноста со која сега имам совршена врска и со која сакам да го поминам остатокот од мојот живот. Со него повторно го допирам дното, но во исто време ме крева дури и до облаците, чувство кое е многу тешко да се опише со зборови.