(Пофалба на жената)
Тркалезни ти се очите и местата од кај што ме гледаш,управувајќи со моите движења.
Тркалезна ти е устата што ги оданочува зборовите и што ја прославува насмевката.
Тркалезни ти се рамената и тркалезен ти е вратот што е единствено скеле од каде сета татковина е видлива.
Тркалезни ти се дојките што се подвижни камбанариии подигнати пушки од заседа.
Тркалезни ти се брадавиците и медното саќе на ниви млечниот рудник, првата почва,првата средба со исхраната.
Тркалезни ти се слабините,тркалезно што се шират,рамномерно што се враќаат.
Тркалезна ти е половината и ветрот што се врти околу неа,како колцето околу оската,како преѓата околу вретеното.
Тркалезен ти е папокот што е лузна на раѓањето и сеќавање на точката откај што тргнал животот.
Тркалезни ти се колковите од кои се одбива светлинаташто е единствено вратниче за во мракот и за в помрачина.
Тркалезни ти се колената што ги чекам да ми проговорат и тркалезни ти се петиците што те одделуваат од земјата.
Тркалезна ти е прегратката кога ме љубиш, кога те љубам и тркалезна ти е солзата кога од мене се разделуваш.
Тркалезна ти е трпезата на која ручаш и вечераш,а и лебот и садовите,ко трпезата се тркалезни.
Тркалезно ти е јаболкото што го честиш со устата и тркалезно е виножитото во лубеницата што ја отвораш.
Тркалезна е водата што ја зафаќаш со грстите и водата кога ти прави место,помагајќи ти да се искапиш.
Тркалезно е и семето што го засејуваш во нивата и тркалезен е надолу патот по кој слегува неговиот корен.
Тркалезно е сонцето и сончогледотшто изгрева заради тебе,заради твоите тркалезни форми без кои и јас не знам кај би гледал.