Денес ми дојде да напишам една #краткахорорприказна за одредено пештерско суштество на плажа, такозвано Македонец. Ви се случило некогаш константно да ве јаде туѓ срам? Е, така ми беше мене на одмор со многу Македонци таму.
Прво и основно, никогаш не ја разбрав потребата цела плажа, соседната плажа и Кина да те разберат дека си од Македонија по твоето неартикулирано дерење и пцуење. Уште не ми е јасно како од цела плажа само Македонките се слушаат кај што врескаат по своите деца да излезат од вода, да се приберат под сенка или да не одат и да не фрлаат со песок по соседните луѓе. Има и други фамилијарни луѓе па не слушнав никој да се дере АЈДЕ ИЗЛЕГУВАЈ ОД ВОДА ОТИ ЌЕ ТЕ СКРШАМ АКО ТИ ДОЈДАМ. Додека Македонките врескаат, Македонците го пцујаат времето, е маму да му е**м колку е жешко и тоа онака за неколку октави повисоко од нормалното. Стварно, жешко ти е на плажа во 2 часот? А и да ти е, на сите ни е жешко па никој не се туфка толку гласно. А кога не пцујаат по времето, им се дерат на Македонките АМАН СОБЕРИ СИ ГО ДЕТЕТО И НЕ МЕ ЗАМАРАЈТЕ. Во местото каде што престојувавме од никаде не се слушаше галама, ама тие што беа во соба до нас мислам дека го кренаа местото во воздух.
Второ, однесувањето на плажа. Од една страна сакаат да се чекираат на фејсбук дека се на елитна плажа, демек цел свет да им подзавиди, од друга страна имаат 0 кодекс на однесување кога ќе стигнат таму. Значи ако на плажата ти е ЗАБРАНЕТО да си носиш свое јадење и пиење, тогаш нема што да се буниш дека тоа е така. Ако ти е скапо јадењето таму, фино лепо појди на поефтина плажа, или појди на градска плажа каде можеш да си јадеш и пиеш колку ти душа сака. Ама не, мора да се оди во плажа со име, а потоа кавги со вработените кога ќе ги замолат да не јадат од сендвичите, кикириките, чипсот и благото што си ги носат. Па уште имаш и курчење, да бе тој ќе ми кажува дека не смеам да јадам, што сакам ќе правам. Така кај мајка ти. Не сите слегле од планина. Јас разбирам да се нема пари за Цезар салата од 9 евра, ама тогаш што мајка бараш на плажа која си го носи тој рејтинг и е скапа? За продавање пуфки?
Трето, кодекс на однесување во ресторан, шеталиште, било какво културно место. Кога седнуваш да јадеш во ресторан, можеш да си ја ставиш маицата и да не седиш гол. Едно е плажа, друго е место каде луѓето ручаат. Па имаш кавги од типот на надвор е 40 степени, а ова е туристичко место, зошто да се облекувам. Оти е бонтон морону, не си дома.
И така, секој ден се запрашувам до каде може да отиде македонската некултура и дали ќе се оправиме некогаш. Што е најстрашно, младиве го прават ова. Кога ќе ми текне дека ќе се репродуцираат и за некоја година ќе имаме Mini me од вакви сељаци... Ај да не продолжувам, излишен е секој понатамошен коментар.