Чудно како некои ликови кои се само минијатурно делче од твојата приказна, можат толку силно да те поместат од рамнотежа. И зошто? Оти некогаш некаде пред миљон години те фатиле неподготвена и те чепнале, читај удриле, право в срце. Одамна си ги оставила зад себе, или си се залажувала дека е така, оти сега не ги пишуваш ни на маргините, барем не така гласно и разбирливо, ама сепак се тука, како ситно камче во чевелот. Од оние острите кои пополека ти прават рана на кожата, а ти упорно бараш положба во која ќе чекориш и понатаму без многу да ги чувствуваш. И по некое време ти успева, забораваш и чекориш, минуваш и угорници и удолници и си се убедуваш дека во чекорењето си успеал да ги истресеш некаде... И тогаш еден ден ќе си помислиш - чек да сменам положба, редно е, доста е, посекако нит боли нит нешто чувствувам. Не да боли, боли корни. Упм. Најмногу таа твоја сопствена неспособност да се собуеш и да стегнеш заби неколку секунди дури го извадиш камчето. Знаеш сѐ, сите мудрости и глупости и пак и пак тераш по старо и им дозволуваш да те поместат од рамнотежа. И зошто? Оти еднаш те фатија неподготвена и те допреа право в срце.
Најсмешно од сѐ - ако ги сретнеше за прв пат сега, ни три секунди не ќе потрошеше на нив.