! Значи го утупивте со случајот на Тамара , а ниту еден медим не ја даде страната за неодговорноста на родителите кои воопшто не почитувале ништо што лекарите им кажале ни во однос на контроли ниту ништо ама ај
А како се осмелува некој да ги нападне родителите на вакви деца?
Јас сакам отворено да те прашам, дали некогаш имаш одвоено време да им посветиш бар малку внимание или да поразговараш со вакви родители да ти ја раскажат својата приказна? Да ги прашаш како живеат, како се снаоѓаат и како успеваат да ги прилагодат своите деца, да се прилагодат и себе си на една општограѓанската неспремност и неприфатливост за таков живот? Дали некогаш имаш присуствувано, поддржано или запознаено било кој настан кој ги вклучува овие ,,маргинализирани” лица? Внимавај, свесно ти велам присуствувано а не - живеено.
Срам ми е да ги наречам така, ама ние ги правиме да се чувствуваат маргинализирано од неукост и незаинтересираност. Дали нив им се имаш обратено, да ги прашаш како се и што желби имаат за во животот? Колку ги боли тоа што буквално нивниот живот потпаѓа под туѓи раце знаејќи дека нивната судбина зависи од некој друг?
Имаш ли идеја колку т.н ,,неутрални” и недолжни животни приказни потпаѓаат под институционална меѓупартиска битка? Колку заглавуваат во бирократски процеси само за аплицирање за помош, каде што е полесно да регистрираш компанија? За потоа да се дрзнеме да спомне некој родителска негрижа. Јас сакам да те прашам, кој здраворазумен родител не му го посакува најдоброто на своето дете? Дали препорака дадена три години однапред и постојано одбивање, ти делува на негрижа или системско закрчување? Има ли релевантен доказ за тоа што го спомнуваш?
Ќе се ,,тупи и отупува” се додека ние како народ остануваме ,,тупи” и не настане една заедничка народна галванизација. Утре ден тоа може да сум јас, ти, мое или твое дете. Зошто жално, ама ние само така изгледа се освестуваме. Колку животи досега имаме изгубено поради абнормален политички систем и биполарноста на нашите политичари што сме ги имале, имаме и ќе ги имаме сиве овие години? Која е силата против сите нив, што може да застане и да каже стој – човечкиот живот вреди повеќе од вашите ниски политички препукувања и крадење на политички поени ако не народот?
Ниту едно присебно човечко битие не сака да биде водено од крајно етноцентристички и политичко-егоистични идеи. Најмногу боли калкулација со човечки живот за пусти велепартиски интереси.