2. Нина Анастасова Шкрињариќ - Фолклорни социјални фосили - Македоника литера, Скопје, 2011 - 271 стр.
Оваа година ја отпочнав со многу интересни студии за историјата на овој народ. Оддамна не сум читал вакви студии и некако како да сум гладен, уште денес почнувам со последната што ми остана од Нина, но претходно да ја раскажам оваа.
Исто како Саздов, Пенушлиски, како Фрејзер, како Мелетински така и Нина ја застапува тезата дека народните умотворби не се кажани „туку-така“. Покрај тоа, тие имаат длабока митолошка основа. Еден примерок на песна од редицата песни за Марко Крале доколку се разгледува од тој апсект ќе каже многу повеќе за Македонскиот народ од тој период, отколку два учебници по Историја.
Тоа е она што Нина надолго и нашироко го објаснува раскажува земајќи ги за пример песните за самовили и песните за змејови.
Самовилите ги поврзува со амазонките, па божиците од словенската, римската и грчката митологија, со русалиите. Самовилското оро и самовилските „грабнувања“ ги поврзува со ритуалите за богот Дионис. Тука некаде ја испреплетува и теоријата за шаманизмот.
Змејовите ги поврзува од еден аспект со „ѕверови“ кои навистина постоеле, од друг аспект ги поистоветува со богот Зевс и сите други богови, во кои се верувало во доба кога човечкиот разум не бил на стадиум како денес.
Потоа зборува за култовите кон боговите, за жртвопринесувањето на девојки во чест на змејовите, алата, самовилите.
Го вмешува кумот како медијатор помеѓу оностраното и овостраното, како мотив што често се наоѓа во народните умотворби токму во примероците каде се зборува за змејови, самовили.
Прекрасна студија, прекрасно вклопени теории на светски истражувачи на оваа тематика, добро толкување на митолошките приказни.
Нина е мајстор кога пишува за оваа тематика. Често се ежам од глава до пети на нејзините реченици. Ме воодушевува жената.
Не сакам да плукам по другите врвни имиња - проучувачи на македонскиот фолклор, ама Нина, со оваа своја студија од нецели 300 страни, ги урнува сите толкувања претставени во десетици томови и на Саздов и на Пенушлиски и Лафазановски.
Македонската народна поезија плачеше по ваков лик како Нина... за да може конечно да ги „каже“ песната сите работи што до сега ги молчеше.