Не, не сакам да ја стегнам вилицата, да ги стегнам солзите на моите трепки и да се правам дека не ми е ништо. Не сакам одново да почнувам секоја вечер.
Повторно ли е почеток? Сакам да го преспијам овој пат.
Здосадено ми е од цртање на таа иста права линија која води до лудило.
Сакам да пукнам како балон, да експолодирам во своите крила, да ја тргнам од гради сета таа тежина а да имам некој кој ќе биде тука и кога ќе заплачам.. Знам да заплачам кога ќе пукне браната навечер кога ќе се фатам како мечтаам под небото. А се што ми преостанува е да сонувам. Да сонувам за некои шарени, навидум поубави времиња. Одејќи низ нив те здогледувам, пак си тука.. Не е сувото ,,збогум” што боли, туку безбројните ненадејни експлозии од сеќавања што силно влечат назад.
Некогаш знаев да зборувам за љубовта.. Погледни не нас сега.
Гледам дека пробуваш да се прилагодиш на тоа што го сака таа. Суредена коса, и палто во некоја боја што моментално некаде е во мода.. Знаеш ли дека таквите се секогаш најтажни приказни од сите? Знаеш ли дека никогаш нема да те прифати со сите твои мани, грешки, насмевки, шеги, со целиот твој сарказам и сето твое мрчење?
Да, знаеш дека таа изгледа како сите девојки а за тебе е единствена, но нема да дознаеш зошто никогаш нема да се чувствуваш како да си единствен. Зошто и нема да си. Ќе ти фали еден дел. Еден сосема мал дел.
Ќе ти фали тогаш кога ќе те тера да се сликате на лачот од зајдисонцето наместо да уживате во него заедно. Заедно во бесконечноста. Ќе ти фали тој дел и кога ќе сакаш да излезеш на силниот дожд во парк додека нема никој , да уживате во среќата, поврзаноста а таа ќе ти се насмее и ќе те убедува дека навистина не си сериозен и не, навистина не го сакаш тоа. И тогаш кога твојата душа ќе е уморна а таа ќе ти каже да стегнеш заби и да издржиш машки. Бесмислици нели? И тогаш ќе ти фали. Ќе ти фали тоа да бидеш свој и да бидеш прифатен таков. Како свој. Како мој. Некогаш одамна.
Не давам шанси повторно. Не залудно. Не. Се трудам да заборавам. Зошто сфатив. Сфатив и разбрав никогаш да не го давам срцето зошто нема да издржи во туѓи дланки. Љубовникот е ѓавол кој ќе ја продаде мојата душа само да заборави,да подари нови утра на некој друг, кој повторно ќе ги препродаде штом почне да расте нивната цена. Берзата на злото. На себичноста и на лекоумноста котирајќи една со друга. А каматата е висока и ја плаќаме сами. Сосема сами. Со сопствена крв.
Можам да ти подарам една навидум наивна насмевка која вели дека не знаеш која сум повеќе. И никогаш нема да дознаеш.
Со уморни умови. Уморни очи. Уморни души. Заспиваме вечерва.