Надвор врне-истура, а јас сум си дома, на топло и си пијам чајче. За недела вечер и не може да биде подобро. Или може?
Не сакам да се вратам утре во Скопје.
Не сакам да се шетам по големите, туѓи улици и да си ја оставам пола младост на семафорите.
Не сакам веќе да си притоплувам јадење и да јадам глупави пици и тостови.
Сакам да си останам во мојот град.
Сакам да бидам со мама и со тато. Сакам да ја карам мајка ми зашто гледа турски серии. Сакам да возам низ град со татко ми, а тој да се плаши како мало детенце.
Сакам да си ги гледам дедовците почесто.
Сакам да излезам на прошетка и 100 метри да ги минам 15 минути зашто сум сретнала познати, драги лица. Сакам да си зимам книги од нашата библиотека, да одам во нашите кафичи со другарки што ги знам двоцифрен број години и што знаат што ќе нарачам.
Сакам да спијам во мојот кревет, да седам на големиов, стар компјутер, бавен како трактор, ама сепак подобар од глупавиот лаптоп.
Сакам да одам по леб и да ги поздравувам комшиите, а тие, како и обично, да ми се обраќаат со името на сестра ми, оти многу сме личеле.
Сакам, ама нема.
Глупава, меланхолична недела. Ме расплака.