Да ви ги кажам моите причини?
Прво и најважно, преку глава ми е да мислам што можам да направам за државата, кога државата за мене се грижи помалку од 0,0000001%.
После, сакам да имам нормален живот, значи како секој млад човек сакам да живеам сама, ама со привремена работа, средна плата и ненормално високи цени на станови за изнајмување, ова ни на крај памет не ми доаѓа. Да не си ја заборавам професијата, можеш да се вработиш секаде, ама само ако имаш партиска книшка или ако имаш врски. Првото го немам и не сакам да го имам, а второто го имам, ама не сакам да го искористам и да се чувствувам должна некому, за работа за која ги имам сите квалификации. Да продолжам... Утре ќе имам деца, тие деца треба одат на училиште. Ќе тргне моето дете во средно и професорка ќе му биде моја другарка која во средно имала 11 единици на полугодие и на родителска ќе ми кажува како детето не учи и не е мирно. Што треба да направам во таа ситуација?
Да ја потсетам каква била таа, а каква е сега?
Еве, ќе останам, си работам за 300 евра, 150 идат на сметки во моја куќа (не зборам за изнајмена, туку наследена од родителите), остатокот иде за храна и облека. Што е со штедењето? Нели некогаш ќе сакам да имам пари на страна колку да купам нова кола или и таа ќе треба да биде на кредит кој ќе го исплаќам 5 или повеќе години со рата која е повисока од 1/4 плата?
Некој спомна послободен живот? Кој послободен живот? Не мислите дека за некоја година ќе станеме полоши од Американците во оваа смисла? Погледнете само колку е порасната стапката на напади меѓу Албанци и Македонци, Православни и Муслимани или пак обични крадци, педофили и наркомани. За убијци и самоубијци да не зборувам.
Од друга страна пак, имам шанса да отидам во странство каде со неделната плата можам комотно да живеам две недели(ете и недела ипол нека биде), ќе си работам според струка и според знаење со шанса за напредок и без замарање со политика. Таму, јас ќе изберам во кое училиште ќе одат децата, барем ќе знам дека дипломата ќе им биде признаена секаде во светот и ќе најдат работа по нивна желба, без партии и без врски. На крај, замислете, ќе можам да заштедам доста пари од основната плата, плус ќе доаѓам во Македониија секое лето, колку да ги научам децата од каде доаѓаат, кај можеле да живеат и да бидат благодарни за животот кој ќе го имаат.
И сега нека ми каже некој дека ќе остане овде да живее, а има шанса да се пресели...