Сакам да кажам дека им се восхитувам на луѓе кои покрај сите страдања ја држат главата исправено. Сакав да можам да бидам како нив.
Ми се случи пред некој ден, во автобус, се качи суштество кое ми остави впечаток на храбра и амбициозна жена. Трепкаше со очите, делуваше мудро и моќно, како да го држи цел свет, но во рацете носеше само двегодишно детенце. Имаше пирс на левата веѓа, најверојатно како помлада била палава и непромислена, и би и дала најмалку 30 години, а имаше само 26 години (според она што подоцна го слушнав).
Седна зад мене до сосема непознат човек кој (по моја претпоставка) го виде прв пат во животот. Патувањето траеше долго, па додека јас се досадував, тие имаа прилика да се запознаат и да започнат разговор. Намерно ги извадив слушалките за да го слушам разговорот. Нема да раскажам што чув, да не се препознае некој- се е можно, но солзи ми течеа додека слушав, а истовремено бев воодушевена. И се восхитував на храброста, на отвореноста... На тоа што покрај сите незгоди што и ги подарил животот успеала да стои на нозе, на тоа што во најтешките моменти се обидувала да се исправи.
Цел ден се чувствував потресено, исто како да го доживувам крајот на некоја книга или филм. Разликата беше што ова беше реалност. Вистинска реалност, не онаа розева што често имам навика да ја гледам