„The Dark Knight Rises“, последното поглавје за сагата на Бетмен во изведба на режисерот Кристофер Нолан, ги освојува гледачите низ целиот свет, додека критичарите го сметаат за ремек дело.
Кино салите се исто така наклонети кон Бетмен, кој веќе трета недела по ред е најгледаниот филм во Америка, а минатиот викенд службено сруши уште еден рекорд во заработката и стана вториот најгледан филм за оваа година.
Додека „Ice Age“ оствари голем успех и го осигури статусот на најгледан анимиран филм за ова лето, заклучно со минатиот викенд, „The Dark Knight Rises“ е на второто место по годишната заработка во кино салите, која во моментов има неверојатна сума од 732 милиони долари.
„The Avengers“, мегаломанска супер - херојска забава на конкурентот Марвел, со кој матичната куќа на Бетмен, DC Comics со години има ривалски однос, сè уште е на првото место на годинешниот бокс-офис, со заработка од 1,46 милијарди долари. Се разбира, годината не е сè уште завршена, така да „The Dark Knight Rises“ сигурно ќе им донесе поголема заработка на Warner Brothers и DC Comics.
Само за споредба, претходникот на последниот Бетмен на Нолан, „The Dark Knight“ заработи повеќе од милијарда долари во светската кино дистрибуција, а поради големата популарност, филмот повторно беше прикажуван во кината кога излезе ДВД изданието. Во својата трета недела на прикажување, The Dark Knight заработи 38 милиони долари повеќе од својот наследник, The Dark Knight Rises. Популарноста на последниот филм за Бетмен не стивнува, а некои од кината нудат и опција за целодневни билети за вистинските почитувачи на Бетмен. Во билетот се вклучени три прикажувања во еден ден: „Batman Begins“, “The Dark Knight“ и за крај, „The Dark Knight Rises“.