Нешто имам изгледано, нешто недогледано, но воглавно не ми беше ништо посебна годинава.
Prisoners - Ми се допадна. Убаво дејство, ниту пребрзо, па да не знаеш што се случило, ниту пребавно, туку сосема таман за да ти ја долови ситуацијата од гледна точка на секој од карактерите. Доказ за тоа колку неизмерната родителска љубов може да го претвори човека во ѕвер од очај.
Хју Џекмен сум го навикнала ко силен, алфа мажјак во улогата на Волверин, па секаде каде што глуми обичен, кршлив човек, ми е интересен за гледање.
Што знам, веројатно најдобриот што сум го погледнала од оваа година, со оглед на тоа што Гетсби уште го немам изгледано, а го фалат ко најдобар.
The Conjuring - Само уште еден спин-оф од Insidious (нормално, ист режисер) и Sinister.
Типично хорорче како што ни ги сервираат последниве неколку години. Обично семејство започнува нов живот во куќа со мрачно минато. Потоа следуваат секакви Нострадамуси и Клеопатри, за да те остават подзинат од неверување дека по стоти пат очекуваат да паднеш на тотално исклиширан и најочекуван крај.
Имаше свои моменти, но ништо посебно, па да не можам да спијам или не знам што. Едно стаклено 7че, мејби, ако не му е и многу.
Now you see me - Интересно, освежувачко и добро ускладена актерска екипа, но освен тоа, никаков икс фактор.
Што знам, можеби затоа што го гледав со друштво галамџии, па и не ми се виде нешто претерано посебен, но ми остана во сеќавање како поразличен од останатите кои беа актуелни тој период, па и преку цела година. Како и да е, дава потребна доза адреналин, посебно за љубителите на магионичарски трикови.
We're the Millers - Кога седнав да го гледам филмчево, ме болеше глава и немав баш никакви очекувања, но на крај се посмеав на неколку сцени. Додека можеби и не е нешто посебно, дефинитивно радо би гледала продолжение од вакво нешто отколку од типот на Hangover, каде освен првиот дел што ми е океј, другото ми е благо кажано дебилен, репетитивен (х)умор на стара слава. Анистон не ја сакам многу, ама ми беше прилично интересна во улогава. А кое тело има на тие години, ќе се самозапалам, еј! За пасење мозок, арно е.
White house down/Olympus has fallen - Ги ставам во исто мислење зашто тоа и се - исти. Но, додека ја обработуваат истата тематика - нападот врз Белата Куќа, обид да се спаси претседателот и кул фаца која го спасува денот, Olympus has fallen е за некоја нијанса подобар во поглед на сценарио и актерска екипа.
Настрана од згодноќата на Тејтум/Татум и Фокс, во улогите доста потфрлија, посебно Фокс, а филмот е толку фокусиран на специјалните ефекти, што го прави додатно нереален и предвидлив. Од друга страна, Фримен ми е слабост со тој гласот, а за Батлер после Law Abiding Citizen, не можам да сменам мислење дека е еден генијално-болен психо, макар и дадилка глумел.
Dead man down - Го догледав прееска т.е. го влечев со саати со паузирање и клатење, и едвај чекав да заврши. Ах, Колин бре.
Уште една типична приказна за повреден човек кој го губи семејството и не бира како да се одмазди. Ме нервираше, претерано ми идеше на нерви таа мустрата Беатрис. Пискаво, глупаво, радознало створење. Имаше некој потенцијал филмов, но можел да биде подобар со подобро осмислени дејствија, вака - јок.