Не е од библијата,ама поврзана е со верата.
Единствена тема каде би го сместила текстов.
- Верата, дете мое, за човекот е сé. Без неа, тој не живее, – постојано му велеше Старецот со густата седа брада на младиот калуѓер, кој во тој момент ги чистеше остатоците од пепелот.
- А до каде може да стигне оваа вера, Старче? – го прекина во недоумица младиот монах.
- Не можеш да ја измериш, – одговори Старецот. – Зависи од тоа кој колку Го љуби Бога. Колку што љубиш, толку и веруваш и колку веруваш, толку и љубиш.
- Не можам тоа да го разберам, – повторно рече младиот калуѓер.
- А сепак, многу едноставно е. Доволно е да го оставиш своето срце слободно да го засака Бога, – рече Старецот и, гледајќи ја својата бројаница, ја започна молитвата.
Минуваа денови во скромната колиба која се наоѓаше во близина на едно гратче. Народот мошне често доаѓаше во малата молчалница да го чуе советот на Старецот, да ги сподели своите проблеми и да чуе по некое душекорисно слово. Дури и сиромашните просјаци доаѓаа и просеа малку леб или што било друго што би се затекнало во малата колиба.
Тие години, меѓутоа, град ги уништи посевите на земјоделците и народот почна да гладува. Селаните немаа работа, мајките немаа што да зготват, а децата се вртеа гладни. Тага и несреќа насекаде. Сите се упатуваа кон племенитиот Старец, кој постојано даваше од оние малку лебови, кои сеуште му останаа. А бескрајната низа на гладни селани сé повеќе се зголемуваше. Од исток до запад, сиромасите во таа мала куќарка наоѓале љубов и сочувство.
- Старче, векните ги снемува. Немаме ништо да им дадеме. И ние ќе гладуваме, – говореше младиот калуѓер.
- Бог, дете мое, Кој нам ни ги прати Своите мали браќа, ќе се погрижи и за нас, да не гладуваме, – одговараше предобриот Старец.
Времето минуваше, а гладни имало сé повеќе и повеќе. Еден ден, младиот калуѓер, многу тажен заради состојбата која владеела, дојде и му рече на Старецот:
- Авво, сакам да ги поделиме на две нашите лебови. Да ми дадеш колку што ми припаѓа. И од сега, да даваш само од своите. Јас не сакам да гладувам.
Старецот беше изненаден. Не очекуваше ваква реакција од својот послушник.
Сепак, за да не го онерасположи, ги подели лебовите на две, му даде и отповеќе на својот послушник, а понатаму даваше милостина од своите векни.
- Не сакам да гладувам, – мрмореше послушникот. – Ако сака, Аввата нека гладува. На просјаците никогаш им нема крај, а крајот на векните веќе се наѕира.
Таа година зимата беше тешка. А просјаците никако не престануваа да доаѓаат. Но, Бог, Кој го гледаше Старчевото добро срце, ги благослови векните и тие никогаш не намалуваа. Од друга страна, векните на послушникот ги снема мошне брзо.
Еден ден послушникот бојажливо повторно отиде кај Старецот.
- Те молам, Старче, ако сакаш и ти, пак да јадеме заедно, – рече и го наведна погледот.
- Со задоволство, – рече Старецот, не додавајќи ништо веќе.
Несреќата, меѓутоа, продолжуваше. Просјаците не престануваа ниту навечер да го вознемируваат Старецот. Но, Старчевото срце беше преполно со љубов, која никогаш не престануваше.
А послушникот почна повторно да мрмори незадоволен.
- Еве, векните ги снемува. Ама зарем е можно непрестајно да даваме?
- Дете мое, Бог нам нема да нé остави да гладуваме, – говорел Старецот, обидувајќи се да го смири нетрпеливиот послушник.
Беше зимски ден и послушникот слезе да ја исчисти просторијата во која месеа леб. Ги гледаше полиците, кои некогаш беа полни со топли векни леб, а сега виде само една векна. „Барем уште една имаме“. Откако заврши, се качи горе и седна со Старецот да плете корпи. Надвор беснееше ветер, па тропањето на вратата не се слушаше добро.
Послушникот чу, ама ништо не рече. „Сигурно тоа пак е некој прегладнет и ќе му го дадеме и последниот леб“.
- Некој тропа, – рече Старецот.
- Не, тоа е ветрот, – рече послушникот.
- Па сепак, некој е, – рече Старецот и стана да отвори, читајќи го срцето на својот послушник.
Еден сиромашен просјак, помодрен од зимата, бараше малку леб.
- Почекај овде. Застани малку, - рече Старецот и му даде знак на својот послушник да пријде поблиску. – Слези долу и донеси една векна, – му рече.
- Не доаѓа во обзир. Тоа е нашиот последен леб. Ќе останеме без храна. Ќе гладуваме, – одговори послушникот.
- Те молам, слези и погледај подобро, – беше упорен Старецот.
- Но, пред малку бев долу и знам дека имаме само една векна, – рече тврдоглаво послушникот.
- Оди, дете мое, и имај доверба во Бога, – додаде Старецот.
Послушникот неволно се упати кон просторијата во која го чуваа лебот. Но како што се приближуваше, почувствува некој неодоллив мирис, кој се ширеше од одајата.
- Невозможно, мојот глад си игра со мене, помисли послушникот. Па сепак, подрумот мирисаше на топол леб. Влегувајќи внатре, се збуни. Целата просторија беше полна со векни леб, од кои излегуваше пареа. Веднаш оттрча назад кај Старецот.
- Старче, – викна испаничено послушникот. – Прости ми. Сега разбирам до каде може да стигне верата во Бога.
- Така е, дете мое, – му рече Старецот. – Колку што сме милостиви, толку и Бог ќе биде милостив кон нас. Колку што даваме, толку нам Бог ни дава.
Од тој ден, послушникот слушал сé што му велел Старецот и имал доверба во Бога. Оној кој ги праќал гладните во нивната келија, не би ги оставил монасите да гладуваат.