Се сеќаваш на балконот од зачадениот стан во кој се запознавме?
Се сеќаваш на ноќта кога избегавме од сите и иако ни имињата не си ги знаевме не можевме да сопреме со зборување?
Дали се сеќаваш на ноќта кога без срам си легна на моето колено бидејќи така поубаво ти било да зборуваш?
Јас се сеќавам... и кога денес помислувам на тие денови, во мене се јавува неиздржливо чувство на вина, бидејќи имаше денови кога ги заборавив тие мигови. Имаше денови кога се заслепив од темнината на проблемите...
Јас, кој секогаш одеше со паролата дека држејќи те тебе за рака ќе успееме да надминеме сѐ.
Јас, кој секогаш те убедуваше дека не постои голем проблем што е поголем од нашата љубов.
Јас, кој секогаш зборуваше дека да не те најдев, не ќе се заљубев никогаш.
Јас, кој секогаш во очи ти признаваше дека ти си единствената причина за мојата промена.
Јас, кој секогаш ти беше благодарен што не дозволи ниту едни зли јазици да нѐ разделат...
Токму јас, на момент се откажав од тебе. Поради една твоја грешка.
Денес, кога сѐ тоа е зад нас... јас не можам да ја оставам вината зад мене, бидејќи тоа што ти ми прости и денес во себе носиш нов живот создаден од нас, ме направи да се чувствувам најмалиот човек на планетава. Веројатно... и ти се бориш таа моја малечкост да ја тргнеш од мисли за да продолжиш да бидеш она што секогаш беше... мое малечко двојченце...