21 март, Светски ден на поезијата
.
Во чест на поетите, извадок од Неговото Височество, Петре М. Андеевски и единствената "Дениција "
.
Ништо не е повидливо
и ништо не е поприсутно од твоето отсуство:
ни детските шепоти што ги откривав
во сеидбите на дождовите,
ни закажаната бура во пајажините
од крајпатните меанчиња,
ни воздушните патишта, осветлени од ластовиците
ни она што добива форма само во мојот слух,
ни мојот слух додека во него задоцнетиот штурец
го навиваше својот ноќен часовник,
ни родилните маки на фрленото семе,
ни разгорениот пожар на главата од петелот
додека бега од сенката што слегува од небото,
ни просторот што ми остана меѓу твоите раце,
меѓу твоите два припека,
ни змијата што го возбудува врвот од житата,
ни снежните намети и налети во афионовите полиња,
ни пламенот што надојдува, како есенска магла,
во низата од пиперките,
ни љубовта и омразата меѓу клучот и катанецот,
ни притаената светлина во купениот кибрит;
ништо не е повидливо од твојата трага
пред мене и зад мене, со мене и во мене.