Хактивистите Anonymous го стартуваат сајтот Par:AnoIA (Potentially Alarming Research: Anonymous Intelligence Agency), кој налик на Wikileaks, ќе служи за да се објавуваат доверливи документи. За разлика од досегашната пракса на Anonymous да објавуваат .zip торенти за симнување, овој сајт е наменет за поспецифична публика.
„Причината зошто никому не му е гајле за овие документи, како по правило, е што тие не знаат што да направат со нив. Во суштина, ние ги правиме овие документи достапни за луѓе кои знаат што да направат со нив, во соодветен корисен формат.“, вели член на Anonymous за Wired.
Според хактивистите кои го водат сајтот, тие не ги собираат податоците сами, туку како Wikileaks ги добиваат од други членови на Anonymous.
Аnonymous веќе подолго време соработува со Wikileaks при објавување на доверливи документи, како на пример неодамнешните 2 милиони мејлови украдени од властите на Сирија. Но, се чини дека односите меѓу двете организации се заоструваат. Неодамна Wikileaks ги обвини луѓето зад @AnonymousIRC дека користат небезбедни проксиња, додека овие одговорија со критика да не напаѓаат некого кој е од нивна страна.
Според членовите на Anonymous врската меѓу двата сајта е сложена, но иако се различни луѓе, сепак како активисти имаат иста цел, се вели во интерјув за IBTimes.