Бест френдс форева

lady_blue

Староседелец
14 февруари 2012
2,397
4,420
1,153
Точно седумнаесет дена, тринаесет часа, триесет и две минути и четририесет и седум секунди. Точно толку време таа беше прекрасна моја, кога ми соопшти:
„Вечер излегуваме со две мои другарки. Редно е да си се пофалам. Да видат колку си тиии…. тоа што СИ!“

Морам да признаам дека ја разбирав. Би требало да е луда за да не посака да се пофали со некој таков како мене. Па се разбира, се согласив. Да, добро, не дека побара моја согласност, но можев и да одбијам, ако сакав да одбијам. Ама не сакав да одбијам, па се согласив.

Ги познавав нејзините две другарки, така, што би се рекло, доволно. Поточно знаев дека едната е црнокоса, височка, со забележителен преден дел и уште позабележителен заден дел, а другата рускокоса, не многу височка, но не и помалку привлечна. Имињата… па не можам да кажам дека во тој момент можев да се сетам на деталите.

Се потрудив да се прикажам во најдоброто свое издание. Бев насмеан, љубезен, внимателен. Се трудев заинтересирано да следам што разговараа, одговарав на прашања, поставував прашања. Дадов сѐ од себе да бидам духовит, шеговит, забавен, интересен, ги гледав право в очи, де едната де другата, климав потврдно со главата на нивните вакви или онакви мислења, дури и на тие со кои не се согласував, дури и на тие кои не ги разбирав, дури и на тие кои воопшто не ги слушнав.

Сѐ на сѐ, можам слободно да се пофалам дека бев беспрекорен во секој поглед. И тоа до толку беспрекорен, што на заминување не заборавив да им се заблагодарам за прекрасната вечер и да нагласам дека не помнам кога сум си поминал попрекрасно.

Откако останавме сами, само прекрасната моја и јас, момент кој во текот на претходните три часа со огромно нетрпение го очекував и посакував, побрзав да ја бакнам. Имајќи ја, и на усните и во очите, најпривлечната своја насмевка, ја обвиткав десната рака околу нејзината половина и нежно ја привлеков кон себе. Ги залепив усните свои врз нејзините, а таа, таа, студена како најстудениот замрзнат ден во зима. Ги одвоив усните два милиметри од нејзините, ги отворив очите (оти секогаш ја бакнував со затворени очи, оти уживав да ја бакнувам и уживав кога ја бакнував, па затворајќи ги очите целосно се оддавав на уживањето при бакнувањето) и ја погледнав.

Ох, ми смрзнуваат коските и сега кога ќе се сетам на нејзиниот остар поглед. Не ми беше јасно што се случува, па молчев. Таа грубо ме оттурна и уште погрубо изусти – „Идиот.“

Молчев сеуште, обидувајќи се да сфатам што сум направил. Веројатно бев направил нешто, но колку и да си го враќав филмот наназад не успевав да си најдам ниту една единствена грешка. И додека ја гледав збунето и прашално, прекрасната моја даде сѐ од себе за да ми објасни:

„Опседнат! Не престана да зборуваш! Им дозволи да те заведуваат! Да ти покажат колку се совршено шармантни и заводливи! Колку се духовити! Глупави гуски! Ете тоа се тие, глупави гуски! А ти си слепец! Глупав слепец! Опседнат идиот кој заборава на сѐ околу себе во моментот кога пред него ќе се испрчат два пара цицки! Не престана да зјапаш! Барем муцката да си ја подзатвореше! Ти отпадна долната вилица до патосот, идиоту нечувствителен! И тоа пред мои очи! Пред мои очи!“
„Но, мила…“ – се одбидов да објаснам, но отсечно ме пресече:
„Мила?! Ха! Ќе пукнам од смеа! Ха, ха! Ха, ха, ха!“
„Мила, дозволи…“
„Престани! Ниту збор! Мила! Не се ни обидувај да се излечеш на таа карта! Ги знам јас тие Ваши машки трикови! Сите сте исти, сите. Сите исто школо сте учеле, исти провидни измамнички финти на нежност. Мислиш така оди тоа, еден сладок збор и ќе се стопам од милина. Е да простиш, ама не палат такви трикови кај мене!“
„Но, го направив тоа за тебе…“
„За мене?! За мене?! Сега уште треба да ти се заблагодарам?! Ох, па ти благодарам, од сѐ срце ти благодарам миличок за тоа што така несебично им покажа колку сум јас досадна и колку ти се миговите минати со мене непрекрасни и незабавни! Идиот!“
„Ама ќе престанеш ли веќе да правиш од мравка слон? Не претерувај мила. Мислам дека погрешно го толкуваш моето однесување.“
„Така ли? Сега сум и глупава! Па, да, очигледно дека сум глупава штом сум со тебе, само глупава гуска може да си дозволи да биде со некој како тебе!“

Не бев ја видел таква никогаш претходно. Ме исплаши. Се исплашив. Не знаев како да ѝ објаснам дека само сакав таа да е задоволна од моето внимателно однесување кон нејзините најдобри другарки. Останав без зборови. Молчев. Ми се пристори дека најдобро за мене ќе биде ако молчам. Ја одведов дома, замина без да ме погледне треснувајќи ми ја пред носот влезната врата од нејзиниот дом. Се разбира, не заборави уште еднаш гласно да констатира:
„Идиот!“

Навистина, не можев да разберам ниту тогаш, не разбирам ниту сега…. Што е со жените и опседнатоста со тој збор???
 

lady_blue

Староседелец
14 февруари 2012
2,397
4,420
1,153
жени, женски пријателства, однесување и очекувања во и од една врска, реакции, оправдани или преувеличени итн итн
сите тие видени од машка страна
всушност обид да се погледнат од машка страна :D
 
  • Ми се допаѓа
Реакции: Scars31

foREVer

Староседелец
20 март 2012
2,227
3,505
743
Стварно ние женскиве знаеме да бидеме BITCHES понекогаш и дури грев ми паѓа за машкиве... :)
 
  • Ми се допаѓа
Реакции: lady_blue

Avona Vi

Истакнат Член
15 февруари 2012
493
631
93
ц.ц.ц.ц...........
добра пријателка е ... ептен