Само денес?
Nuh-uh, лоша замисла. Љубовта ко чувство не се менува, се менуваат времињата и критериумите.
Ако за „љубовта денес“ општоприфатена дефиниција што прва паѓа на ум, е длабок џеб и BMW во комбинација со безмозочник, гадно сме скренале во погрешен правец, првенствено со сопствената замисла, а нели, неретко каква ни е замислата, ко таква ја претопуваме во реалноста.
А мислите оти порано не било така? Ахам...чуму тогаш стројниците за да се одбере правиот/та на секое поле (читај: финансиско), па и венчавките помеѓу подалечни роднини за да се задржи богатството во фамилија? Отсекогаш постоел муабетот: Сине/ќерко, пази каде ќе појдеш/кого ќе донесеш во куќа.
Ама порано биле мајчини. Ако сакала да ќари богаташ, ќе се понаша и трепка ко дама и домаќинка, а нема да седи прегорена и полугола во сепаре, па денешниве што се прости и провидни, може само да им заблагодарите што ви го олеснуваат изборот, оти нели, да бидеме искрени, никој од нас не внимава на изгледот, битна е душата и карактерот, не? Затоа горенаведениве глава не креваат од љубовџии околу нив, а оние што се баш домаќински материјал, дремат сами.
И за двата пола зборувам. Не за друго, туку едноставно, во вакво просто и плиткоумно општество, поимите: убав/а, паметен/на, згоден/на, успешен/на и поштен/а, просто не одат заедно во реченица. Ограниченоста и огорченоста не ни дозволуваат да помислиме/признаеме дека постои некој таков, па сами си лепиме етикети и после кукаме дека љубовта денес е всушност од корист, колку да си го утешиме скршеното его поради сопствениот неуспех.
Е, чорба.