АКО ЛАЖЕ АФОРИЗМОТ, ЛАЖЕ И ВИСТИНАТА
Не го разбираме ни бугарскиот ни францускиот диктат.
Треба школски: да ни го издиктираат во тетратка со молив.
Македонија е во предност, ама и во офсајд.
Ќе влезе во ЕУ пред таа да се распадне.
Нема повеќе борба за место под сонце.
Партиското членство никне како наѓубрено оранжериско зеље.
Власта не знае да собере ни прости броеви.
Еден и еден се два – пратеници за мнозинство.
Нема повеќе сендвичи на митинзи.
Има нешто труло во амурот на партиските кујни.
Македонија „ќе ја биде или нема да ја биде“.
Тоа е театар, Шекспире.
Нема страв од распадот на ЕУ.
Нашите и понатаму ќе си останат Бугари таму.
Транзицијата беше бодликава жица за бедните,
и заштитна ограда за безбедните.
На избори, притисокот со прст на умот остава по веродостоен потпис.
Во новата светска блоковска слика ние сме лесен цртеж.
Власта го обедини народот со одвраќање од собирање.
Роботот е железо кое мрда.
Не размислуваше за смртта, чекаше евтаназија.
Низ кросното на разбојот се ткае платно и од партали.
Една гранка од семејното стебло остана празна
и предизвика шумски пожар.
На лекар без пари,
и лекот нема да вреди ни пет пари.
Информатичката технологија голта се’.
Она што хартијата трпела со векови.
Човеколиките мајмуни ги палат шумите.
Тоа се нивните родни огништа.