Следниот ден седеше Заратустра повторно на својот камен пред пештерата, додека животните надвор талкаа наоколу за да донесат дома нова храна - а и нов мед: бидејќи Заратустра стариот мед докрај го потроши. И додека седеше тој, со стап во рацете, и ја црташе сенката на својот лик врз земјата, размислувајќи, но не за себе и за сенката своја - ненадејно се преплаши и се сепна бидејќи покрај својата сенка здогледа и друга сенка. И кога брзо погледна околу себе и ја крена главата, забележа дека покрај него стои предскажувачот, оној ист предскажувач кого еднаш на својата маса го нахрани и го напои, оној објавувач на големиот умор кој тогаш поучуваше: ,,Се е сеедно, ништо не се исплатува, светот е бесмислен, знаењето задушува". Меѓутоа, неговиот изглед во меѓувреме се изменил, и кога Заратустра му погледна во очите, срцето повторно му се преплаши: толку многу лоши објави и пепелавосиви молњи прелетаа низ неговото лице.
Предскажувачот, кој предпоставуваше што се случува во душата на Заратустра, помина со раката преку лицето како да сакаше да го избрише; тоа го направи и Заратустра. И кога двајцата така молчејќи се разбраа и се закрепнаа, си ги подадоа еден на друг рацете, како знак дека повторно сакаат да се препознаат.
,,Добро ми дојде", рече Заратустра, ,,ти предскажувачу на големиот умор; не беше попусто мој гостин на масата и во мојата куќа. Јади и пиј и денес кај мене и прости што со тебе на масата ќе седи задоволен стар човек!" ,,Задоволен стар човек?", возврати предскажувачот нишајќи со главата, ,,кој и да си кој и да сакаш да си, Заратустро, и премногу долго овде горе седеше - твојот чамец наскоро нема повеќе да биде на суво!" ,,Зар јас седам на суво?", Праша Заратустра, насмевнувајќи се. ,,Брановите околу твојот брег", му одговори предскажувачот, ,,се повеќе се креваат, тоа се бранови на голема незгода и ожалостеност. Тие наскоро ќе го кренат и твојот чамец и тој ќе те однесе одовде". Заратустра молкна кога го слушна тоа и се зачуди. ,,Уште ли ништо не слушаш?", продолжи предскажувачот. ,,Не вреви ли и не бучи ли овде од длабочината?" Заратустра се уште молчеше и слушаше: тогаш слушна долг, долг крик, што амбисите го дофрлуваа и го предаваа понатаму, бидејќи ниту еден не сакаше да го задржи, толку лошо одѕвонуваше.
,,Ти, лош објавувачу", проговори на крајот Заратустра, ,,тоа е крик во незгода и крик на човек, тој доаѓа сигурно од некое црно море. Меѓутоа, што ми е грижа за човечката незгода! Знаеш ли како се нарекува мојот последен грев што ми преостана?"
,,Сомилост", одговори предскажувачот со преполно срце и ги крена високо двете раце. ,,Заратустро, јас дојдов да те заведам на твојот последен грев!"
И само што ги изговори тие зборови, повторно одекна крик, подолг и пострашен отколку предходниот, а веќе и многу поблиску. ,,Слушаш ли? Слушашл ли Заратустро?", повика предскажувачот. ,,Тебе ти е наменет тој крик, тебе те повикува: дојди, дојди, време е, крајно време е!"
Така зборуваше Заратустра - Фридрих Ниче.
Последна промена: