А што кога душава боли?
Будна ноќ, сенки и ветришта, а мене само спомени ми тежат на плеќи. Си размислувам, ми недостига едно минато време на среќа, време на украден бакнеж на автобуска, во сред сивило на товарени ташни и скршен чадор. Бевме деца.
Потаму не' гледам пак нас, личности оформени, немавме многу, ма да не се залажувам немавме ништо, но се боревме со сите сили, со сите мускули, со сите впрегнати неврони.
Созреавме, пораснавме. Те љубев со цела душа, те љубев... Јас сум сигурна дека и ти го чувствуваше тоа. Го обожавав, лажам, се уште го обожавам начинот на кој ми ја држиш раката, начинот на кој ме гледаш и ми зборуваш.
Некаде околу 5 почна да ме убива иднината, плановите за неа. Мислев дека сме стабилни, ние можеме. И тука ја изгубив способноста за размислување, не разбирајќи како за неполн час ТИ уништи се што градвме со години.
Половина час подоцна сум надвор, стуткана на студот, со голи стапала навлечени во големите влечки. Тоа сивило и студенило како да ме разбра мене, ме натера да разберам побрзо дека сум сама, ти ме остави да ми пропаѓа душата, тие очи што кажуваше дека ги сакаш, да бидат полузатворени.
Не ни замислував дека вака боли, не ни замислував дека оваа болка јас можам да ја издржам.
Но ти, слушај љубов, јас можам.