Може лесно и со сигурност да се каже дека родот е и еден од ‘најпродаваните’ производи на општеството. Не барајте го во маркетите, бидејќи веќе го поседувате.Дел сте од машкиот или женскиот род.
Оваа поделба на половите на родови постои од секогаш. Уште во првобитните племенски заедници постоела ваква поделба со тоа што мажот се сметал за поспособен па тој ловел храна додека жените биле послаби па само собирале овошје што секако не мора да биде точно. Што ако постоела жена посилна од повеќето мажи, а сепак и било наложено да собира овошје само затоа што не била свесна за својата сила? Без разлика на кој принцип се направила таквата поделба, тоа размислување и таа иста поделба е меѓу нас и до ден денес. Што во секој случај не е добро затоа што се давиме во предрасуди и многумина од нас се ограничуваме во поглед на нашите способности. Иронично, знаеме за се ова, а сепак свесно или несвесно го пренесуваме понатаму и постојано му кажуваме Стоп!! на личниот избор. Разликите мора да ги има, тие го прават животот позабавен и динамичен и исто така се неизбежни бидејќи имаме различни физички карактеристики, различни размислувања, сите сме од различно делче на планетава, имаме различни искуства... зарем не е тоа доволно? Зошто тогаш имаме таква потреба да насочуваме, да диктираме животи и однесувања? Зошто сакаме да ја потенцираме таа граница помеѓу машкиот и женскиот пол? Замислуваме машки и женски професии, машки и женски правила на однесување и тн. и секогаш ги отфрламе и етикетираме оние кои не се придржуваат до тоа. Ги сметаме за чудни, а не сфаќаме дека тие се многу подобри од нас. Тие се многу подобри затоа што личниот избор го ставиле пред мислењето на општеството и истите тие се стремат да не излечат од нашата зависност за делење на луѓето. Кога сите или барем поголем дел од нас би биле толку храбри барем да пробаме да ги прошириме нашите хоризонти и гледишта, сите ќе се чувствуваме многу послободно, а светот ќе биде едно побезгрижно место за живеење. Не за џабе рекле дека “Слободата е состојба на умот”.
Живееме според размислување од некој прачовек и тоа во 21 век... Луѓе, осовременете се!