Проблемот на луѓето е што ги сврстуваат другите луѓе во многу групи, подгрупи, видови, раси, сталежи, слоеви, што ли не. Кога не би била толку голема потребата на луѓето да делат, светов би бил поубаво место за живеење и сите би биле подеднакви. Многу пати имам споменато и сум присталица на фактот дека надворешниот изглед воопшто не е важен. Во воведниот дел не е специфицирано на каков вид инвалидитет се мисли, но сите ние со текот на годините стануваме инвалиди. На некој во голема мера му се оштетува сетилото за вид, некој не слуша/дослушнува, на некој му се губи способоста за зборување, некој ќе почне да страда од остеопороза и ревматични заболувања и се што доаѓа со нив итн. Некој може трајно да ја изгуби способноста да оди и ткн. Сигурно сопругот или сопругата на кои ќе им се случи оваа судбина нема да ги оставите, туку ќе бидете покрај нив и ќе ги поддржувате уште повеќе.
Значи, сеедно е кога ќе се случи болеста или кога ќе се појави мааната. Сите ќе добиеме некоја дијагноза која нема да ни биде по ќеиф и ќе сакаме да имаме некој до нас да не поткрепи. Така да, не сметам дека лице со инвалидитет е особено поразлично или поинакво од другите, затоа што на сите ни се случуваат лоши работи, и можеби нешто што во иднина ќе ни се случи за нас ќе има поголема тежина од инвалидитетот. Познавам луѓе инвалиди кои се поголеми оптимисти и повеќе физички активни, со елан за живот од здрави и прави (но мразливи) луѓе. Кај лицата со инвалидитет повеќе е разгорена желбата за живот.
Такво лице ќе ве вика на утакмица фудбал во слободен ден додека мрзливиот дечко нема да сака да си го помрдне дебелиот газ од пред компјутер за да игра некоја игра.
Затоа што постојат толку многу прекрасни луѓе меѓу нив, вреди да се замижи пред предрасудите и стереотипите несреќно наметнати врз денешнитем млади генерации. И да се тргне замислениот превез на срам што ги обвива неизградените личности кога ќе се најдат во друштво со лице со инвалидитет.
Камо инвалидската количка или слушното апаратче да беа најголемите разлики меѓу човечкиот род. (а не желбата за превласт, зависта и самољубието)