До пред некое време ги читав колумните на Венко Андоновски во Нова Македонија ама одкако напиша неколку по ред колумни со многу глупости прекинав да го читам ...
На пример кои глупости?
Јас не се слагам. За мене Венко е одличен колумнист, иако во неговата колумна - Две лица на натрапникот, остро напаѓа општествена појава како жалење т.е искажување незадоволство од работното место на муштерии. Колумната го привлече вниманието на многу луѓе и ги поттикна да дебатираат повеќе за банален пример, отколку за суштината.
Еве ја колумната:
Две лица на натрапникот
Кој ви го даде мојот телефонски број? Кој ви дозволи да ми се јавувате? Имате ли писмена согласност од мене дека сакам да учествувам во игри на среќа? Најпрвин сте ја прекршиле мојата приватност со тоа што сте ме вознемириле со порака, потем сте ја искористиле мојата нервоза за да ми прогласите „неточен одговор“, и најнакрај – ме туркате во комар, кој не го сакам. Престанете да им влегувате на луѓето во џигерот, во потсвеста, под гаќи.
Писма до душевадникот
1. Стојам пред фрижидерот за сувомесни производи на еден наш голем маркет и слушам како младата госпоѓа пред мене, која инаку ја познавам, протестира: го кара момчето што ги сече саламите, затоа што не ги наредил парченцата печеница едно под друго, туку ги расфрлал по хартијата во која треба да ги завитка. Во право е: иако не е некоја голема работа дома да ги подредиш парченцата сам, зошто да не ти ги даде подредени, кога веќе машината ги исфрла така?
На нејзините укори, момчето одговори со мизансцена, а без збор. Ја повика со рака својата колешка, ѝ ја препушти клиентката, а ме презеде мене. И, откако се увери дека незадоволната госпоѓа си заминала, додека ме услужуваше, почна да бара од мене, на оној добро познат итарпејовски начин, да застанам на негова страна. Типичен менталитет на Балканот кај сите продавачи, таксисти, службеници – си тераат приватен муабет со клиентите како со нив да израснале, па дури бараат и пресуда во нивна полза ако овие биле сведок на некаков нивен конфликт. Еве што рече, демек за себе: „Госпожа! Не можела сама да ги нареди. Да не сака дома да ѝ појдам, да ѝ направам ордевер?! Ги пуштила ноктине како некоја мачка и ми се занесува... а бе, како никој пред неа не се пожалил досега?“ И бидејќи момчето гледа дека кај мене не добива некаква одушевена поддршка, додава, сега небаре целосно за себе (а повторно, се разбира, ме адресира мене): „Дај ми плата 40 илјади, па да видиш како ќе ги наредам“
Мене почнува да ми се блуе од него. Отстапувам од фрижидерот, тој прашално ме гледа, јас му велам дека ќе се вратам, само да земам нешто што не смеам да заборавам, и зад првата гондола се скривам. Навистина ми се превртуваат цревата. Еден невоспитан лигуш, истетовиран на целата подлактица, некој што сигурно едвај завршил средно трговско училиште, што со сигурност преку врска дошол на тој штанд да реже салами, што не сфаќа дека тоа работно место е климакс во кариерата за неговиот пилешки мозок, што треба на тоа работно место да гледа како да е вработен во лабораторија на НАСА, е тој – ни пет ни шест, бара плата повисока од мојата!!! Значи – тој буквално, гледајќи го падот на сите вредности во општеството, ми вели (и мене и на сите) – плукам јас на вашите дипломи, плукам на вашите магистратури, докторати, на сите ваши години учење. Јас сакам, по кратка постапка, плата колку вашата, за сечење салами со подредување. И се враќам, и го гледам тој младич со истетовирана подлактица како уште незадоволно мрмори, па си мислам: тој едвај да има вкупно толку години живот колку што јас сум учел – 8 години основно, 4 средно, 4 факултет, 3 магистратура, 3 докторат = 22. Тој учел вкупно 12. А бара плата повисока од мојата.
Кој го научи така? Семејството, училиштето, политиката, медиумите, или сите заедно? Кој го научи така бесрамно да го посакува туѓото, она што не го заслужува? Од каде му е идејата дека сме јас и тој исти? Та нели расчистивме со комунизмот? Или живееме во еден тивок малограѓански неокомунизам (извини комунизму што те навредувам!), кој се сведува на обичен бандитизам – да се грабне туѓото на најбесрамен начин, без да се заслужува. Туѓа плата, туѓа кола, туѓа позиција, туѓо работно место или туѓа жена – сеедно.
2. Моето телефонско сандаче е преполно со пораки. Од натрапникот со телефонски број 1477. Оваа седмица ме растурија, ме растроија со пораки за некаква наградна игра. Сѐ почна во еден момент на огромна презафатеност, кога вибрирањето на телефонот ми покажа дека сум добил порака. Возев, брзав на еден состанок и не одговорив. За пет минути повторно порака. Сите пораки беа за некаква наградна игра, во која би требало да се вклучам, за да не се каам потоа. Мислам дека стануваше збор за некаков телевизор. Бидејќи денот ми беше напнат, преполн со нервоза и обврски, не одговарав на пораките. Конечно, откако среде академска дискусија на говорница (предавање) повторно почнаа да ме бомбардираат со пораки (вибрирања), а јас, меѓу другото, чекав и многу важна информација за здравствената состојба на еден од моите блиски, конечно, се извинив пред аудиториумот, го зедов телефонот в рака и ја прочитав пораката. Таму, покрај благиот укор дека со неучеството си ги губам шансите, стоеше наградното прашање (којзнае кое по ред): „Од што е направен Пинокио?“ Имаше два одговора: под 1. „од дрво“, а под 2. – не помнам што. Нервозен, напишав: „Од дрвена сперма“, и го вратив телефонот на појасот, каде што стои закачен на ременот. За неколку секунди, само што ја најдов загубената нишка на мислата од прекинатото предавање, добив одговор. Повторно го прекинав предавањето, и ја прочитав пораката. На неа стоеше, замислете – дека одговорот не е точен!
Е па, драги мои анонимни натрапници од 1477, во нормална држава ќе се тужевме. Прво, ќе се тужевме преку тим експерти околу точноста на одговорот. Ако е за инает, јас сум поголем инаетчија од вас.
Одговорот дека Пинокио е направен од „дрвена сперма“ не е целосно неточен, иако не се вклопува во вашата дигитална, бинарна логика „1“ или „2“. Тоа е ефектна метафора, а метафорите никогаш не се ни целосно вистинити ни целосно лажни. Второ – ќе се тужевме затоа што вие, без мое одобрение да влезам во играта – сте ме ставиле во вашето електонско оро, па ме бомбардиравте уште неколку дена. Од каде ви е вам слободата да ми се јавувате, кога ќе посакате? Од каде ви е претпоставката дека јас лежам во кревет, лапам баклави и едвај чекам да добијам некое од вашите дебилни квиз-прашања, за да си добијам телевизор „сони“? А што ако сум на настава, на - не дај боже - погреб или во болница, што ако сум во некоја драматична ситуација во животот, што ако сум во манастир, што ако сум во долготрајна депресија и барам душевен мир? На крај краишта – што ако сум професионален возач, хирург, пилот, кому сето внимание му е потребно за да си ја врши работата? Последните ваши четири пораки гласат: 1. „Те избравме да се натпреваруваш со уште 10 играчи за ‘самсунг галакси таб’...“ 2. „Избран си за ВИП-играч на 31 март. Честитки! Ќе ја имаш можноста само со 3 прашања да се класираш (наместо пласираш – моја заб.)...“. 3. „Почнуваме со едно полесно прашање: што треба да протрие Аладин, за да се појави волшебниот дух?“ и 4. „Почнува неделното доделување на ВИП-наградите“. Се вознемирува ли човек во недела, невоспитани?!
Имам и јас неколку прашања за вас: кој ви го даде мојот телефонски број? Кој ви дозволи да ми се јавувате? Имате ли писмена согласност од мене дека сакам да учествувам во игри на среќа? Најпрвин сте ја прекршиле мојата приватност со тоа што сте ме вознемириле со порака, потем сте ја искористиле мојата нервоза за да ми прогласите „неточен одговор“, и најнакрај – ме туркате во комар, кој не го сакам. Ако сакам да играм на среќа, ќе појдам на места каде што тоа се прави. Престанете да им влегувате на луѓето во џигерот, во потсвеста, под гаќи. Вие немате право на тоа, како што она месарче нема право на плата поголема од мојата!
Знае ли некој денес што е тоа ПРИВАТНОСТ?