Како станав материјалист
Кога бев малечка, како и сите деца и јас добивав играчки, чоколади, подароци, на кои се радував, но вистински живеев кога бев заедно со мајками и таткоми. Тогаш бев исполнета со љубов и само тогаш бев среќна. На жалост го изгубив таткоми... Ништо не можеше да го исполни неговото отсуство, само колку многу ми недостигаше, но најголемата грешка што ја направив беше што не дозволив неговиот дух да живее. Да, тој беше мртов, неговото тело беше безживотно, физичката материја, но јас не го сочував духот, целосно го игнорирав фактот дека некогаш воопшто сум имала татко. Наместо да се соочам со тоа дека нема веќе да го гледам таткоми и дека единствено што ми останува е да продолжам да живеам како што тој сака да ме гледа, јас го заменував неговото отсуство со материјални ствари. Кога бев помала ми беше доволно да си купам некој украс или парче облека, што било само да имам повеќе ствари, тие ме исполнуваа. Но, кога пораснав барав повеќе и повеќе, барав работи кои не можев да си ги дозволам, ствари кои не можам да ги купам. И тоа продолжуваше секој ден и си задавав цели кои не можам да ги постигнам, сите се сведуваа на материјално, во ништо не се впуштав со емоции, за ништо не ми беше грижа. Ги користев емоциите само доколку сакав да извлечам од некого нешто материјално, вешто ги откривав луѓето кои паѓаат на емоции и ги злоупотребував. Прво се задоволував со барбики и кукли, па со штикли и фустанчиња, со коли и мотори, со куќи и станови, со повеќе плата, се дружев со луѓе кои немаат ништо друго освен пари. И јас станав таква немав ништо вредно освен парите. На жалост и дрогата што ја користев беше едно од тие материјални нешта, таа ми беше храна за моето его, јас користев најскапа дрога и се фалев со тоа дека можам да си ја дозволам. Но, зошто? Што бев јас? Какви зделки склучив? На кој се му го загрозив животот? Кај мене немаше живост, немаше виталност, немаше енергија, јас само физички постоев во просторот, јас бев еднаква на пари, и не знам како дозволив тоа да се случи, но вредноста ми беше 0. Човек без идеи, без мотив, без план, без волја за живот. Безделничев, се досадував, бев во депресија, уништував се за што ќе се зафатев и се поради парите, затоа што не се впуштав во нештата затоа што ги сакам, туку бев алчна да добијам што е можно повеќе. Открив дека така не се живее, открив дека најпрвин треба јас да сум среќна, тогаш среќата беше далеку од мене затоа што мислев дека можам да ја купам со пари. Чудесно е тоа што сега немам ни третина од тоа што го имав претходно, немам пари, немам стан, немам кола, немам работа, немам најнови штикли и фустани, немам најнов телефон, немам накит, немам фејсбук, немам слики со милион лајка(хаха), скоро и да немам ништо што е материјално и вреднувано во општеството, но имам љубов, имам почит и разбирање, имам среќа, имам живот, имам сила, имам енергија, имам мотив, имам план, имам чекори по кои се водам, имам за што да живеам, тоа што го имам сега ми е доволно. Среќна сум што сум жива и здрава и што секој ден можам да станам без никакви потешкотии, да одам на трчање, да се искачам на планина, можам да нахранам животно, можам да се грижам за природата и растенијата, можам да се справам со ситуациите без користење на дроги и најважно од се дрогата и другите материјални нешта не се веќе мојот водач во животот, се пронајдов себеси, слободна сум, среќна сум!
Цела оваа приказна сега е далеку зад мене, нормално дека дел ќе го заборавам, дел ќе се обидам да го заборавам, не дозволувам никој да ми суди за моето минато, но јас во себе секогаш ќе го паметам чуството кога бев изедначена со материјалните нешта и кога јас самата не се вреднував како личност и тоа ми е доволна причина никогаш повеќе во животот да не им свртам грб на вистинските вредности и да заминам по славата и богатството.
За сите што го читате ова, има многу поважни нешта од парите, тоа се работите што не можеш да ги видиш, не можеш да ги допреш, тие се работите кои кога ќе ги направиш правилно те креваат нагоре, ти го прават животот поубав и ти даваат вераба и надеж. Следејќи ги вистинските вредности човек секогаш ќе излезе како победник, нема да има голем капитал, но ќе има голема душа-тоа е најважно во животот, но малкумина го знаат.
Ви благодарам.