Најпрво ќе почнам со еден мал коментар. Ми се допадна твојот состав, браво. Не знам колку ти значи моето мислење, но, ете, твој читател сум. Без разлика дали ми се допаѓа некој твој состав или не, сепак ќе го прочитам цел, со причина.
Предупредување: Еми, ќе да е долго..
* * *
Повеќето имаат различно мислење за убавината, различно ја толкуваат. И според тоа што тие сметаат за убаво, тоа и го бараат. Се додека има некој што го бара тоа нешто, тоа нешто ќе се произведува и ќе излегува на светлина.
Се додека момците завиваат по девојките кои носат прекратки шорцеви, девојките ќе продолжат да носат прекратки шорцеви. И се додека девојките не престануваат да се влажнат на самата замисла на стомачни мускули, момците нема да престанат да се трудат по 6 дена неделно во теретана. Кругот се врти.
Во секој случај, не постои само еден вид на девојки и еден вид на момци. Тука се и оние девојки/момци кои преферираат нивниот партнер да биде со малку поголема килажа, малку повисок, понизок. Можеби некои момци не сакаат нивните девојки постојано да бидат прекриени со шминка, туку да седат дома. Исто како што некои девојки попрво би одбрале некој кој изгледа сосема обично (average) преку некој што повеќето го сметаат убав. Има уште безброј работи кои влегуваат во оваа категорија и лесно ја заменуваат убавината. Зрелост, едукација, начин на размислување, итн.
Зошто? Многу лесно.
Бидејќи, за неа, оној кој другите го сметаат за преубав едноставно на неа не и создава интересно чувство помеѓу препоните. Но, оној кој останатите го сметаат за сосем обичен за неа е поубав.
За него, онаа девојка кога попрво би седела дома отколку да отиде на загревање во Drinkers, па на журка во Paradiso, е совршената девојка.
Убавата девојка која обожува журки и не бара сериозна врска веројатно попрво ќе ја одбере машката верзија од себе, без разлика колку романтичарите и се нудат.
Исто како што згодниот дечко кој сака журки попрво ќе ја одбере женската верзија од себе отколку некоја искрена и убава девојка која само сака врска. И брак. И деца. И да остарат заедно.
* * *
Како и да е, надворешната убавина никогаш нема да биде неважна и отфрлена.
Искрено, како би забележиле некого? Како некој би успеал да ни го привлече вниманието, ако не по убавината и надворешниот изглед?
И колку и да сте силни адвокати на внатрешна убавина во случајот и судењето на "Внатрешна vs. Надворешна Убавина", морате да признаете дека сепак надворешната убавина има улога.
Колку и да се длабоки и зрели разговорите, без физичка привлечност се сомневам дека било која врска ќе опстане.
Но, повторно ќе посочам, немаат сите иста дефиниција за убавина. Иако реков дека надворешната убавина има улога, не мора да значи дека мислам на пропорции 90-60-90, 6/8 плочки пропорционало поставени на абдоменот, убаво лице и сл.
* * *
1. Зошто убавината е толку ценета? И зошто секоја деценија носи свој нов поим за совршен изглед па сите трчаат да се сменат, одат под нож и изгледот толку многу им варира?
Убавината е ценета бидејќи од секогаш била ценета, од секогаш постоела, од секогаш влијаела на многу работи, на многу луѓе, на многу индустрии.
Основа на модната индустрија не е интелегенцијата, модната индустрија не е започната затоа што Коко Шанел, Наоми Кембел, Кејт Мос, итн. сакале да читаат длабоки романи од 18от век и насловната страна на Вог не ја добиваат неубави луѓе.
Како што реков, се додека има убави луѓе - ќе има кој да ги цени, и се додека убавината е ценета, луѓето ќе настојуваат да бидат убави.
И не се согласувам дека сите трчаат да се сменат. Прво, не можат сите да си дозволат. Второ, убавината треба да ти е многу битна за до овде да отидеш.
2. Зошто луѓето не сваќаат дека секој си има своја убавина, и дека особено треба да се работи на внатрешноста, а не надворешноста да ти цути а внатре да гниеш?
Сфаќаат. Како што сфаќаме ти и јас, сфаќаат и други. И не е секогаш ова случајот. Понекогаш и надворешноста и внатрешноста цутат, само треба да се знае кога да се каже стоп, пред да се отиде предалеку. Самобендисаност, преголемо его, нарцисизам.
3. Зошто постои љубов на прв поглед?
Мислам дека постои привлечност на прв поглед. Бидејќи, како што реков, надворешниот изглед е она кое го привлекува вниманието на другите.
Љубов е голем збор и не би требало да се користи за привлечност на прв поглед бидејќи ако некој ни е привлечен, ни го привлече вниманието, но не се запознаеме - наредниот ден едвај ќе паметиме дека постоел.
Ако во некого се вљубиме, и љубовта ни е возвратена, тоа е малку поинаку.
Се надевам дека имаше смисла ова. Многу често имам размислувано на оваа тема и ми е многу забавна тема за дискутирање, и, како и секогаш, се извинувам за преголемиот текст. Поздрав.