- 17 февруари 2012
- 5,085
- 7,019
- 1,683
Ќе започнам со прашањето, зошто луѓето колектираат предмети?
Во согледувањето на суштината на било кој феномен од природните и културните сфери, важен удел има следењето на неговата историја, односно генезата и развојот низ времето. Ова важи и за музеологијата како културна дејност, односно одделните компоненти што неа ја сочинуваат, а кои во одредени пра-форми можеме да ги следите од самите почетоци на човековата култура. Овој факт го актуализира прашањето за вродената биолошка потреба на човекот за собирање и колекционирање на разни објекти, која како нагонски механизам се појавува уште во неговото рано детство. Манифестирана е како желба за собирање и поседување предмети од најразличен вид, кои ги обединува една единствена компонента. Тоа се емоциите т.е. љубовта на детето инвестирана во нив, која со текот на колекционирањето прераснува во вистинска страст. Овој феномен се појавува на возраст од 2 - 3 години и трае некаде до пубертетот, кога најчесто доаѓа до прекин, кој повторно се воспоставува во зрелото доба. Во контекст на разните научни пристапи на психологијата, овој феномен и неговата мотивација може да се објасни на неколку начини:
- Како транспонирање на билошкиот нагон за собирање храна во сферите на културата.
- Како манифестација на нагонот за моќ (натпреварување, доминација, контрола) во однос на другите единки на заедницата т.е. видот, кој е манифестиран преку поседувањето (одземањето од другите) на одредени објекти, како што е на пример храната, женките, живеалиштето или животниот простор.
- Во рамките на пристапите на аналитичката психологија, колекционирањето може да се разбере како пројава на некој архетип, можеби архетипот на Големата Мајка, низ нејзината функција на акумулирање или пак архетипот на егото кое преку колекционирањето и организирањето на предметите го пројавува тежнеењето за сопствена агрегација, диференцијација, организација и самофокусирање.
Кај денешните луѓе, кои обично живеат во рамките на современите урбани средини, овој нагон неретко излегува од контролата на свеста добивајќи екстремни димензии. Луѓето зафатени од ваква состојба не можат да го конторлираат нагонот за собирање (купување, собирање од улица, од кантите за отпадоци) и трупање на разни (или одреден вид) предмети во своето живеалиште. Овој синдром (познат како
hoarding)добива толкави размери што го затрупува целиот простор за живеење на „собирачот“, редуцирајќи го до крајни размери неговиот социјален живот. Во некои држави постоат социјални и психолошки програми и третмани кои се специјално наменети за ослободување на луѓето зафатени од овој синдром.
Дали вие имате некаква колекција? Зошто сте почнале да ја правите таа колекција?