Основна задача при уредувањето на спалната соба е создавање услови за квалитетно одморање во неа. За разлика од спалните за возрасните, детските се дополнително наменети за работа, престој и игра.
Најквалитетно решение за сместување на спалната соба во однос на другите простории во домот е ако е дел од тракт, во кој влегува и бања (WC) и гардероба.
Со правилна ориентација и положба во домот, треба да се настојува тaa да бидe максимално заштитенa од дејството на бучавата, мириси, горештини и други појави кои го загрозуваат мирот, а со тоа и одморот во неа. Ако се работи за семејна куќа споменатиот тракт најдобро е да се смести на посебен кат, а доколку спалната се наоѓа во стан, треба да биде подалеку од дневната соба, каде што најчесто се одвиваат активностите на домашните.
За спалната соба најдобра е источна ориентација, а добра е и јужна и југозападна страна. Најнеповолна е западната страна, поради прегревање на просторот и северната поради потполн недостаток на сончева светлост. Можноста за потполно замрачување на спалната соба е важна, особено ако станува збор за лица на кои светлината им пречи при одморањето. Пожелно е да се избегнува стаклената врата или онаа со надсветло, бидејќи овозможуваат продор на светлината од други простории.
Обезбедување на доволна количина на воздух во спалната е многу битно прашање при нејзиното планирање. На возрасно лице му се потребни 15m² воздух. Мининалната квадратура на спална во која спијат две лица е 12m², а за спална во која со родителите спие и мало дете е 15m2.
На квалитетот на сонот и одморот влијае и положбата на креветот во просторот. Поради насоката на електромагнетните бранови и нивното дејство, најдобро е главата да се сврти во насока на север. Положбата на креветот до прозорец или до грејно тело треба да се избегнува.
Изборот на мебелот има особено влијание на функционалноста и изгледот на спалната соба. Најдобро е да постои засебен гардеробен простор, но сепак во денешните домови ваква организација најчесто е неостварлива поради намалената површина, па се препорачуваат вградени плакари кои не го оптоваруваат просторот и складно се вклопуваат со ѕидовите. Со вешта употреба на огледалата вградените плакари дури и го зголемуваат впечатокот за просторност.
Подот на спалната соба треба да биде обложен со топол материјал, а се препорачува паркет или друг вид на дрвен под со употреба на помал тепих кај креветите. Боите и материјалите на завршната обработка на ѕидовите се важни за севкупниот впечаток во спалната соба. Зелените и сини тонови општо се прифатени како смирувачки, па затоа се преопрачливи за во спалната. Сепак, треба да се напомене дека изборот на бои треба да биде воден од личното доживување, па така да се одбере боја која најмногу одговара на вашата личност и карактер. Изборот на некои потопли бои, како што се нијансите на жолта и портокалова, може да биде соодветен за детската соба. Овие бои ја потикнуваат активноста, а ако знаеме дека детската соба е повеќефунционална, престојот во неа ќе го направите попријатен.
Во спалните соби се препорачува индиректно осветлување, а директното само да се употребува при читање (на пример, лампа на ноќното ормарче).
Како вие би сакале да изгледа вашата спална соба?
Извор http://www.sezadomot.com.mk