Матурска треска

Kokakolicar Eden Nizaeden

Активен Член
17 мај 2012
81
150
33
Полека се наближува сезоната на матури, епа спремете се, се ближат бурни времиња. Потресувања, хаоси, чуда, врагови. Едноставно се мора да е совршено за таа „совршена ноќ“. Колку не е совршена, тоа е чудо некое. Бидете сигурно дека постоеле викенди во вашиот живот кои биле по луди и незаборавни од оваа вечер. Ама ако!

Да започнам со сликањето за табло. Самата помисла дека таблото, на кое ќе се наоѓа вашата слика, ќе биде ставено на некој излог во центарот на градот е сама по себе доволна причина да бидете испопотресени за тоа како ќе испаднете на сликата. Со денови, пред сликањето, неможете мирно да спиете, се превртувате во кревет, ве мачат важни прашања, „што да облечам?“, „каква да ми биде косата?“, „па што ако ми се размачка шминката“, „па да не испаднам многу бледо?“ и слично, дури и кошмари имате, чудо некое. Па затоа, подготовките траат со денови. Паранојата доаѓа до тој степен што купуваат нова гардероба само за сликањето, закажуваат на фризер најкасно еден саат пред сликањето, за да не дојде до растурање на фризурата, купуваат нов сет шминки и нормално истите ги тестираат за да бидат сигурни во резултатот. После целата оваа припрема, доаѓа и денот на сликањето. Цел клас се собира во закажаното време пред фото студиото, сите преубави, среќни и возбудени со огледала, четки и шминки во рацете, за секој случај. Еден по еден, седнуваат пред апаратот со веќе одбрана позадина и почнуваат да позираат. Е тука, на позирањето му нема крај, абе да можат цел ден би седеле да ги „штракаат“, ич мука немаат. И по напорната фотосесија, персоната се упатува кон компјутерот да го види резултатот и останува запрепастена, па ниту една фотографија не е како што треба, УЖАС. Тешко на фотографот, нормално, он е крив, а кој друг, таа има совршена шминка и фризура, не е возможно да е до неа. Фотографот, сирот, измачен, за да избегне уште една напорна фотосесија и да премине на следниот, упорно ја убедува дека сликите се прекрасни и дека незнае дури која е најубава, па мора човекот, што да праи, кога си има работа со неарни луѓе. На крај, персоната избира слика, видно незадоволна, но во ниту еден момент не помислува дека во неа е проблемот. Најинтересното е што 70% од матурантите се незадоволни од своите слики за табло и покрај тоа што сите ги испофалиле колку се убаво испаднати на сликите, а facebook е преполно со такви слики.

Следно на списокот е бранењето на проектната задача на тема која си ја одбрал во Декември, али до последен момент не ти текнало да ја сработиш. И повторно хаос, ги превртуваш сите форуми со надеж дека ќе најдеш нешто готово, вртиш на сите луѓе што ги познаваш, а имаат допирна точка со твојата тема, ангажираш сестри, браќа, роднини и пријатели да ја сработат место тебе, но најчесто си плаќаш луѓе кои со мерак ги чекаат таквите како тебе, неодговорни и немарни, па они ја завршуваат твојата задача и мирна ти глава. Не викам дека јас бев поарен. Проектната е спремна и предадена, тој дел ти е завршен и не се замараш дур не се наближи денот кога треба да ја „одбраниш“ темата за која си пишувал. Повторно си во паника, па ти ја немаш ни прочитано истата. Па како е возможно да научиш на памет 12-13 страни текст, кој веќе би требало да го знаеш горе-доле бидејки темата ја бираш од материјатот на некој предмет што веќе си го изучувал. И се потресуваат како мислиш ќе бранат магистерска теза.

Кога ќе започне тој циклус, бранење на проектните задачи, и кога вашите соученици ќе ве информираат дека и не е така тешко, кај вас се појавува нова причина за паника, дали ќе бидете доволно добри да извадите петка со 12 бода или сепак ќе бидат 11.
Помина и тоа чудо. Е сега се наоѓате на раскрсница, мора да одберете, дали ќе се спремате за матурската прослава или ќе учите за полагањата, бидејки, знаете, нема време за двете. Обично сите се насочуваат на првото, најважно е да изгледате совршено за „лудата“ прослава, а дали ќе положите и ќе се запишете на факултет, мање важно. Еее овој период е незаборавен. Незаборавен за продавниците, за кројачите, за нервите на вашите родители, а највеќе за нивните паричници. Низ градот прекрасна идила, матуранти испопотресени, растрчани на сите страни, родители трчаат по нив, веќе при крај со нервите, а е само почеток на патешествието наречено „припрема за матурска вечер“, убавини, ако веќе си поминал низ ова гледаш и ти е смешно, а ако допрва тоа те чека, гледаш во нив со чудење и страв дека и тебе те чека истото.
 

Kokakolicar Eden Nizaeden

Активен Член
17 мај 2012
81
150
33
Најчесто женската популација се решава да се упатат кај некој препорачан шнајдер и едноставно шнајдерот нивната идеа за совршениот фустан да ја претвори во реалност. Но повторно проблем, тие воопшто немаат идеа, единствено што знаат е дека нивниот фустан треба да биде совршен и посебен и никој друг во просторијата не смее да има таков, па ни сличен. Повторно дискусии и полемики за формата и бојата на фустанот, па дали да биде краток, дали да биде долг, па да не изгледа дебело во него, па да не не и ги истакнува градите, хаос. И се очекува шнајдерот да и навлезе во главата, да и ги прочита мислите и да ја „ископа“ идеата за нејзиниот совршен фустан. Тешко на нив, јас не би имал нерви за таквите, но искуството си го праи своето, не е една таква што му дошла во дуќан. И така полека, полека, после неколку консултации ќе се создаде идеа за фустан, кој е приближен до очекувањата на госпоѓицата матурантка, но е далеку од нејзината замисла за совршенство. На кројачот му останува само да ја претвори идеата во фустан. Поминува одреден временски период, персоната се повикува за да го проба фустанот, да даде забелешки, доколку ги има и да се направат мали поправки, доколку е потребно. Матурантката го погледнува фустанот и нејзиниот лик драстично се менува, па ова не е ни приближно тоа што го бараше! На нејзиниот бес и хистерија им нема крај, кројачот, мајката на девојката и нејзината најдобра другарка ја убедуваат дека фустанот изгледа исто како на сликата, но залудно, таа се гледа во огледало и е видно разочарана од резултатот и повторно не и паѓа на памет дека проблемот е до неа, дека на нејзиното тело не и прилега таквиот фустан. Се прават милион преправки, но на крајот фустанот, каков-таков, е спремен за носење. Останатиот дел од припремите е полесен. Се што треба да направите е да најдете штикли и акцесорис што ќе одговара на фустанот и тоа е тоа.

Облеката е спремна, закажан е фризерај, фарберај, шминкерај, депилации и слично, паричникот на твоите е празен, нервите се на работ на кинење, но битно ти си среќна. За машките е по едноставно. Тие едноставно си го знаат стилот, купуваат облека од бутикот каде што секогаш купуваат, косата ја средуваат исто како и секој викенд. Тие се повеќе загрижени како да се снабдат и да „шверцнат“ алкохол во хотелот, па не иде само со сокче да се помине вечерта. Тие организираат трубачи за пред прославата, организираат афтерпарти, оние што имаат одбрано партнерка, се погрижуваат нивната партнерка да стигне до хотелот, им го олеснуваат одењето на штикли, се погрижуваат нивната партнерка да не се „испружи“ на плочките и да се избрука пред сите и слично. Мора да признаеме и тие играат голема улога во креирањето на совршената ноќ на девојките.

Стигнавме и до таа ноќ, ноќта која сите ќе ја паметат, освен оние кои уште од дома се „натрескале“ со роднините и пријателите, па немаат поима кај се и што се дешава. Целата генерација е собрана пред хотелот, тука се трубачите, тука е алкохолот, родителите, камерманите, матурантите, професорите и фештата почнува. Музика трешти, пари летаат на сите страни, „паѓаат“ ора и чочеци, па настануваат изливи на емоции и солзи кога ќе се засвири некоја песна од типот „Растајемо се ми“ и така со саати. Е за тоа време, никој не се замара дали се испотил, дали им се растурила фризурата, дали им се размачкале шминките и слично, но кога ќе дојде времето да се влезе во хотелот, каде уште од врата те дочекуваат камери и апарати, стануваш свесен за сево ова и повторно, паника и хистерија! Вадат од тоа ташничките огледала, шминки и чуда, просто неможам да се изначудам како се им собрало у тоа малото ташниче. Се потсредуваат колку-толку и заедно со партнерот под рака влегуваат во хотелот, по црвениот тепих на кој ти се јавува чувство дека си холивудска ѕвезда која влегува во кино салата да ја проследи премиерата на својот нов филм. Со самото влегување сфаќаш дека ич не си требал да влезеш! Па преубаво ти беше надвор со трубачите. Тука, те чека бенд со спремен репертоар, надвор, сам си бираш музички желби. Пеачов повеќе се занимава со желби и честитки, од типот „Поздрав од најдобрата класна на светот, од нејзиниот прекрасен клас IV-2“, одколку што пее. И целата вечер е така исценирана, што немаш време за слободни активности. Определено ти е времето за играње, за вечера, за сликање и слично. Пушачите поголемиот дел од времето се надвор, на цигара и потпивнуваат од вискито (матура е, секој може да си дозволи виски) скриено во грмушките.

Има и случаеви кога на некоја девојка и се случува она за што со вечери се молеше да не се случи, шмизлата од IV-4 има ист фустан како нејзиниот. Можеби единствената сличност е во бојата, но паранојата си го праи своето, фустаните се исти и точка. И тука паѓа во депресија, сите бродови и тонат и оваа ноќ за неа е тотален ужас. Па нели требаше да биде уникатен, мора некој да и има кажано, па оваа за инает направила „ист“.

Афтер парти!

Дискотека резервирана, за секој клас-сепаре, е тоа што триесетина души нема шанси да се сместат на едно сепаре не е проблем. Најважно е дека цела генерација е тука, кога си дел од поголема генерација интересен е моментот кога се вртиш околу себе и гледаш фаци кои врска немаш дека учеле четири години во истото школо, а има и фаци кои се толку изобличени од шминката и фризурата што неможеш да ги препознаеш.

Дискотекава ПРЕПОЛНА, сите набиени еден до друг, абе нема место да мрднеш, играњето се сведува на цупкање во место и мавтање со раце у вис, комодитет никаков, сите со болка на лицето од испогазените прсти на нозете, „убавини“. Како, така поминува и тоа, се упатуваш дома, некој веднаш, некој по ден, два. Легнуваш да спиеш, се будиш сабајлето и почнуваш разумно да размислуваш. Сфаќаш дека се било џабе, сфаќаш дека си поминал и боље, сфаќаш дека новчаникот ти е празен и дека парите „летнале“ на глупости и што е најважно стануваш свесен за тоа што допрва те чека, е тука те „лупнува“ бедот.
За година, две ќе си речеш „ех да го имав овој памет ич немаше да се замарам и онака фустанот го облеков два пат, штиклите летнаа во контињер пошо се искршија од „внимателното“ одење, а за останатите ствари немаш поим што им се десило.“
 

Ghtalpo

Староседелец
27 февруари 2012
2,656
3,335
1,153
Совет:Одвојувај пасос од пасос со некој нов ред додека читам се губам во редовите и нема прегледност.
 

Kokakolicar Eden Nizaeden

Активен Член
17 мај 2012
81
150
33
Абе коа се обајавуваат на страната, автоматски се праи проред меѓу пасусите, мислев и тука ќе си се напраи така..