Приказна за исчезнатиот животински вид

massimaux

Истакнат Член
4 јануари 2016
73
85
328
Приказна за исчезнатиот животински вид

Не знам дали сте чуле за еден неверојатен вид на животни кои живееле во праисторијата, но за жал исчезнале. Приказната за нив е бизарна и тажна. Ќе ги викаме јунаци во понатамошниот текст.

Јунаците биле животни кои живееле во симбиоза со животни-ѕверови. Симбиозата се состоела во тоа што нашиве јунаци им помагале на ѕверовите да бидат краљеви на животните (не лавови, ова се случувало многу време пред лавовите!), а ѕверовите за возврат им дозволувале на јунаците да се хранат со остатоци од нивниот плен. Добро де, јунаците биле мршојадци.

Знаете ли зошто исчезнале нашиве праисториски јунаци? Затоа што ѕверовите не ловеле други животни освен јунаците. Ѕверот имал опака метода. Прво вбризгувал специјална неотровна текучина во јунакот. Текучината била дрога која предизвикувала весели халуцинации. Под дејство на дрогата, јунакот не бил во состојба да забележи дека ѕверот го уловил него. Не чувствувал болка туку чудесна радост. Ѕверот ќе го јадел се’ до прејадување и остатокот го оставал за самиот јунак. Така, на работ на умирање, мислејќи дека се храни со остатоци од некое друго животно, јунакот весело издрогиран се хранел со самиот себе. Ѕверот ем те јаде, ем “дарежливо” ти остава и тебе остатоци од тебе. Страшно!

Погодувате, нели, јунаците биле автомршојадци. Се хранеле со остатоци од своето тело. Биле толку глупави и јадни што нивното исчезнување било неизбежно.

Интересно е дека многу слична појава е забележана и во рамки на некои современи општества. Наводно, современите ѕверови ја вбризгувале дрогата во современите јунаци преку некакви медиуми со помош на т.н. креатори на јавно мислење. Современите ѕверови ем си ги узурпирале парите и имотот на современите јунаци, ем “дарежливо” им фрлале по некоја трошка. За возврат на “добрината”, вторите им помагале на првите да останат краљеви.

Велат дека едно од тие општества било и нашево. Пу пу, скраја да е!

П.С. Животинскиот вид автомршојадци е измислен за потребите на приказнава. Како и да е, синдромот на метафорично автомршојадство си постои и си функционира одлично.