Победнички порази

iDeposito

Староседелец
29 февруари 2012
47
63
1,028
35
Скопје
Велат дека далеку полошо од тоа да згрешиш е да не ја признаеш грешката и уште пострашно, да не научиш ништо од неа. Бидејќи во политиката зборот „грешка“ се смета за еднаков по значење на зборот „пораз“, многу порази биле префарбани во победи, и поради тоа, од нив таквите „победници“ не успеале да ги извлечат вистинските поуки. Еве неколку примери низ историјата за такви лажни победи:

1. Триста мртви Спартанци, ама ни една жива поука: благодарение на тоа што старите Грци биле ептен посветени на запишувањето и глорифицирањето на нивната историја, како најславна битка од типот на „победнички порази“ е секако битката кај Термопилите (линкот е до документарец на јутјуб), во која како што сите знаеме 300 храбри Спартанци застанале сами самцати да се борат против барем еден милион Персијци и сите до еден загинале откако неколку денови не им дозволувале на дивите азијатски орди да се пробијат низ теснецот што го бранеле хероите на Грција, и со тоа им дале доволно време на сите други Грци да се мобилизираат и да ја одбранат не само древната Елада ами воедно и западната цивилизација.
Вака барем вели мејнстрим-толкувањето за битката, кое ги има сите елементи на прекрасен мит: мал број храбри луѓе што херојски се жртвуваат за да спасат нешто многу поважно од нивните животи. Ама мејнстрим-толкувањето, како и обично, ја промашува главната работа.
Настрана што не биле само 300 Спартанци бранители (имало барем уште илјада други борци од другите грчки полиси што исто така храбро загинале) и настрана што таа битка не биле пресудна за победата врз Персијците (нешто подоцна, била уништена персиската флота од страна на грчката морнарица и со тоа им била прекината линијата на снабдување на Персијците, па морале да се повлечат).
Главната поука од оваа битка никој не ја извлекол!
А токму тоа ќе биде причината за поразите на две големи и значајни држави во подоцнежната историја на човештвото. Прво, падот на Самуиловата држава започнал по поразот на самуиловата армија во битката кај Беласица. Која се случила речиси идентично како битката кај Термопилите.
Имено, дознавајќи дека византиската војска навлегува кон Македонија низ една тесна долина, Самуил ја заградил таа долина со импровизиран ѕид и така сметал дека ќе ги спречи напаѓачите да пробијат понатаму. Но, исто како Персијците што по совет на еден предавник ги заобиколиле бранителите на Термопилите и ги удриле одзади, така и Византијците нашле заобиколен пат и откако се појавиле зад грбот на чуварите на ѕидот на Самуил, битката била изгубена.
Во нешто помодерни времиња, Французите меѓу двете светски војни вложиле многу пари за да изградат долга одбранбена линија на границата им со Германија, со голем број на тврдини, ровови, тунели и артилериски и митралески гнезда, како и мински полиња и бришан простор преку кој ниту еден Германец не ќе можел да мине без да биде изрешетан, и француските стратези си умислиле дека така проблемот за одбрана од германската инвазија е решен.
Но кога почнала Втората светска војна, Германците само ја заобиколиле таа непробојна линија и – исто како што Персијците ги зафркнале Спартанците, и исто како што Византијците ги победиле кај Беласица самоуиловите војници – така и нацистите ги поразиле на тој начин Французите, удирајќи ги фактички прво од страна а потоа во грбот.
И затоа, има смисла мислата: загинале триста Спартанци, ама ниту една единствена поука не преживеала од начинот на кој тие ја загубиле таа битка. И наместо тоа да се има предвид секогаш, само се глорифицира нивната сосема залудна и непотребна жртва. Исто како што ние денеска го славиме цар Самуил, човекот кој бил толку „генијален“ што не сфаќал дека не му вреди ништо ѕидот на падините на планината Беласица ако Византијците можат околу Беласица да завртат едно полукрукче и да ги нападнат неговите позиции одзади.
Патем, ако се погледне и битката што Самуил ја изгубил претходно кај реката Сперхејос, се забележува една јасна тенденција кај овој средновековен владетел редовно да ги потценува способноста на неговите непријатели да наоѓаат друг пат за доаѓање до него. Во наведениот пример, тој застанувајќи пред надојдената река, и гледајќи ги Византијците залогорени на другиот брег, го поставил својот камп баш спроти нив, сметајќи дека нема да можат да ја преминат реката и да го нападнат. Но, тие ја преминале и го нападнале и тој едвај спасил жива глава. Неколку години подоцна, пак не можел Самуил да замисли дека Византијците ќе најдат друг пат околу неговата непробојна барикада и затоа пак бил поразен.
Ако Самуил не можел да учи од старогрчката историја (немал пристап до тие книги?) зошто од својата сопствена грешка кај Сперхејос не можел да научи па пак ја повторил истата глупава стратегија кај Беласица?
 

iDeposito

Староседелец
29 февруари 2012
47
63
1,028
35
Скопје
2. Залудни жртвите на Масада: просто е неверојатно колку често низ историјата луѓето одбиваат да учат не само од туѓите туку и од сопствените грешки. Еве на пример, некаде кон крајот на првиот век од нашата ера, Римјаните кои владееле и со земјата на Евреите, решиле еднаш „ничим изазвани“ да ги навредат домородците врз религиска основа, обидувајќи се да вршат пагански ритуали пред еврејските храмови и тоа довело до нереди кои брзо ескалирале во отворена побуна против римската власт.
Секако, римските легии успеале за брзо време да го задушат востанието и да ги изолираат последните бунтовници во рамките на една планинска тврдина позната под името Масада, каде што по една долга и мачна опсада за да не паднат живи во рацете на душманите, сите неколу стотици бранители се самоубиле, откако претходно си ги убиле сопствените жени и деца за кои знаеле дека по победата, самите Римјани и онака ќе ги масакрирале. Еве тука, на јутјуб документарец и за таа опсада.
Во дваесетиот век, по формирањето на државата Израел, Масада станала национален симбол, оти во жртвата на античките бунтовници, модерните Евреи виделе убава метафора за денешната им држава, која постојано е под „опсада“ од непријателските арапски соседи. Малку е бесмислена таа метафора, оти на крајот Масада паднала и сите Евреи во неа завршиле мртви, ама во недостаток на друг симбол на ептен херојски отпор (ако се исклучи востанието во варшавското гето за време на Втората светска војна) морале да градат воено-национален мит врз тоа што го имале. Меѓу другото, денешните израелските регрути одат таму да даваат свечена заклетва, нешто што да речеме македонските војници не го прават на нашата Масада во Крушево т.е. на Мечкин Камен. Тоа кажува колку всушност ние немаме осет за сопствената ни историја.
Интересно е што по задушувањето на востанието од крајот на првиот век, ниту Римјаните ниту Евреите кои останале да живеат во Јудеја не извлекле никакви поуки. Шеесетина години откако било задушено првото востание, почнало второ востание, и тоа ама баш од истите причини поради кои избило и првото. Имено, Римјаните пак ги навредиле религиозните сентименти на Евреите, со тоа што пробале да им го сквернават со пагански симболи нивниот главен храм во Ерусалим. И тоа востание легиите крваво го задушиле, по што преживеаните Евреи се разбегале низ целиот тогаш познат свет, и од тоа време всушност и започнува вековната голгота на тој народ.
Што ли тоа ги натерало Римјаните да им се ругаат на еврејските верници? Малку ли им било што редовно добивале даноци од нив, па уште требало и сол на рана да им ставаат?
Во нешто помодерниве епохи, кога Британците владееле со Индија и од тамошните хиндуси и муслимани не само што прибирале огромни даноци, туку и имале многубројни локални регрути за армијата, им текнало на Англичаните (едно попладне додека пиеле чај!?) да се пошегуваат на сметка на религијата на своите поданици во Индија, и таа глупава шега набрзо ескалирала во огромен проблем.
Имено, водени од некаква бизарна смисла за хумор, Британците на муслиманските војници во индиската колонијална армија им дале маст за подмачкување на пушките направена од свинско сало (!), а пак на хиндуските војници им била дадена маст за подмачкување на пушките произведена од говедски лој. Англичаните сметале дека нивните локални помагачи ќе го сфатат вицот, ама овие тоа го сфатиле како тешка навреда (за хиндусите говедата се свети животни, а муслиманите имаат верско табу да употребуваат било што што има врска со свињи) и затоа заеднички и муслиманите и хиндусите се кренале на големо востание, за чие задушување биле жртвувани многу британски животи.
За наша среќа, пред неколку недели во Македонија беше со жестока амбасадорска интервенција оладена потенцијално експлозивната ситуација која настана по вевчанскиот карневал, и која исто така имаше потенцијал да прерасне во голема беља. Поуките од целата таа работа треба сите да ги имаме на ум во иднина. Ако нѐ мрзи да се запознаеме со причините за римско-еврејските војни од пред две илјади години или за поводот за најголемото востание против британската колонијална власт во Индија, барем од своите грешки да учиме.
 

iDeposito

Староседелец
29 февруари 2012
47
63
1,028
35
Скопје
3. Дали косовка-девојка се викала Марица: една од најголемите кланици на Македонци за интересите на туѓинските господари со нашата земја секако е битката кај реката Марица која српските феудалци со босанско потекло Вукашин и Углеша (кои владееле со територии во Македонија што им ги подарил царот Стефан Душан како награда за нивното учество при освојувањето на нашата земја) ја изгубиле оти не знаееле ништо за начинот на кој тогашните Османлии војуваат, па сметајќи дека имаат работа со префинети европски витези, тие биле сосема изненадени кога биле нападнати (и уништени) без претходно да им биде најавено и да се договорат џентлменски за местото и времето на одржувањето на битката.
Не само што од таа катастрофа ништо не научиле Србите за методите со кои Турците ги воделе војните, па речиси истите тактички грешки ги направиле пак неколку децении подоцна во битката на Косово, туку се чини дека од најголемиот херојски пораз во нивната историја, подоцнежните генерации Срби не извлекле ама баш никакви поуки.
Како главна причина за српскиот пораз на Косово поле, се наведува ненадејното повлекување на еден голем дел од српските сили, контингентот предводен од феудалецот Вук Бранковиќ, кој ги оставил другите српски сили да изгинат во борбата со Турците, за да може потоа тој лесно да завладее со териториите на загинатите феудалци, имајќи ја зачувано нечепната сопствената му армија.
Во модерниве времиња, откако се распадна Југославија, Србите не сфатија дека во нивната држава во ликот на Слободан Милошевиќ го имаа токму модерниот Вук Бранковиќ, кој за да остане на власт, сите патриотски настроени Срби ги испрати во војните во Хрватска и Босна да изгинат или да останат осакатени, со цел на мира да си владее со Србија опкружен со неговите добро воооружени соработници во тајните служби.
Додека патриотите умираа на фронтовите искрено верувајќи дека животот го даваат за „отачбината“, дома мафијашите што ги произведе од своите редови Тајната Полиција ја приграбија сета власт, сите фирми си ги презедоа, а народот го втурнаа во беда и мизерија.
Поразот на Косово Поле од 1389ата во колективната меморија на српскиот народ оставил длабоки траги и во нивните народни песни до ден денешен името на Вук Бранковиќ кого повеќе му било гајле за личниот интерес отколку за слободата на татковината, е синоним за предавник. И при толку песни, приказни, легенди и преданија, со кои израснале генерации и генерации Срби, толку ли не научија да ги препознаваат актуелните вукбранковиќи?
Очигледно не, оти на престојните избори во Србија за фаворити важат токму националистичките партии кои ветуваат дека ќе го сочуваат „по секоја цена“ Косово. Не разбираат ли српските гласачи дека ако еден цел кнез Лазар и еден цел Слободан Милошевиќ не го сочуваа (а тие и војни водеа за таа цел), како ли бре тоа сегашните големи српски родољуби ќе го сочуваат тоа „срце на Србија“?
Играта инаку е иста како од стратегијата на Вук Бранковиќ. Додека патриотите ќе се туфкаат и нервираат за иднината на Косово, мафијашите ќе си крадат и пљачкаат слободно од буџетот, врз кој контролата ќе им ја дадат гласачите што уште веруваат во митови.
 

Y1K991

Parleur
1 март 2012
6,278
9,119
1,683
Bitka_kaj_Sliva.jpg

Битката кај Слива, е една од борбите со која илинденските востаници ја бранеле Крушевската Република. Тоа е битка со која педесетина востаници, предводени од војводата Ѓорѓи Стојанов, на 12 август 1903 година речиси до последен човек ја извршувале наредбата што подолго да го запрат налетот на турската војска [1] .

Најголемиот дел од нив биле речиси деца, со неполни 16-17 години, кои доброволно им се приклучиле на востаничките одреди, иако претходно никогаш не држеле пушки в раце.

Тие прво пристапиле во доброволечкиот одред со кој командувал Тодор Христов - Офицерчето, а подоцна влегле во составот на единицата на Стојанов. Благодарение на жртвата на 32 загинати востаници, од Крушево се повлекла главнината на востаничките сили и на цивилното население.
Битката
Со оглед на саможртвата, стратегиското значење и последиците, ова битка е на исто ниво како и битката кај Мечкин Камен.

Оваа чета била практично жртвувана за да се спаси Крушево. Во стратегијата на војувањето се познати многу примери кога се решава помалиот дел од силите да се жртвува за да се спаси главнината од силите. Ова битка беше токму таков случај. Тие востаници ја прифатиле наредбата и ги жртвувале сопствените животи.

Главниот штаб на крушевските востаници решил да ја испрати оваа чета на Слива откако било проценето дека од тоа место најдобро ќе може да се запре дваесетилјадната турска војска која тргнала да го задуши Илинденското востание. Со надморска висина од 1.357 метри и тесен простор за поминување, геостратегиската позиција на местото била таква што востаниците, вкопани во ровови, можеле долго да се бранат. Од тој правец, од Кичево и селата Долно Дивјаци, Селце и Нерово, кон Крушево се упатиле 3.080 добро вооружени турски војници, кои требало да бидат запрени. Востаниците цело време пукале само од пушки. Кога им снемувало куршуми, ги земале од своите загинати соборци. Турците им се доближувале и до десетина метри, гласно ги предизвикувале да дојдат да се борат на нож, гради в гради. Забележано е дека меѓу борците имало и една девојка по име Злата, која таму дошла за да не го остави сам својот свршеник. Дури откако останале со по еден куршум, решиле да се самоубијат за живи да не им паднат в раце на турските војници.

На повикот Предајте се, востаниците одговарале со оган. И кога многубројната турска војска ги обиколила последните востаници и навлегла во нивните ровови, тие не се предавале - последната нивна стрелба била управена кон сопствените глави. Турските офицери, изненадени од херојството и саможртвата на овие јунаци, наредиле војската што минала покрај нивните трупови - со истрели во воздух да им оддаде почит. Во битката кај Слива било запленето и едно од црешовите топчиња што сега се наоѓа во Воениот музеј во Истанбул.
 

Luckky

Upright
22 февруари 2012
2,636
5,812
1,153
31
Western Sky, Land of Oz.
На крај не е битно дали се порази или не, сепак се обиди да се постигне нешто, да промени, да одбрани е битно за величање.