Музеологија

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
Ќе започнам со прашањето, зошто луѓето колектираат предмети?

Во согледувањето на суштината на било кој феномен од природните и културните сфери, важен удел има следењето на неговата историја, односно генезата и развојот низ времето. Ова важи и за музеологијата како културна дејност, односно одделните компоненти што неа ја сочинуваат, а кои во одредени пра-форми можеме да ги следите од самите почетоци на човековата култура. Овој факт го актуализира прашањето за вродената биолошка потреба на човекот за собирање и колекционирање на разни објекти, која како нагонски механизам се појавува уште во неговото рано детство. Манифестирана е како желба за собирање и поседување предмети од најразличен вид, кои ги обединува една единствена компонента. Тоа се емоциите т.е. љубовта на детето инвестирана во нив, која со текот на колекционирањето прераснува во вистинска страст. Овој феномен се појавува на возраст од 2 - 3 години и трае некаде до пубертетот, кога најчесто доаѓа до прекин, кој повторно се воспоставува во зрелото доба. Во контекст на разните научни пристапи на психологијата, овој феномен и неговата мотивација може да се објасни на неколку начини:
- Како транспонирање на билошкиот нагон за собирање храна во сферите на културата.
- Како манифестација на нагонот за моќ (натпреварување, доминација, контрола) во однос на другите единки на заедницата т.е. видот, кој е манифестиран преку поседувањето (одземањето од другите) на одредени објекти, како што е на пример храната, женките, живеалиштето или животниот простор.
- Во рамките на пристапите на аналитичката психологија, колекционирањето може да се разбере како пројава на некој архетип, можеби архетипот на Големата Мајка, низ нејзината функција на акумулирање или пак архетипот на егото кое преку колекционирањето и организирањето на предметите го пројавува тежнеењето за сопствена агрегација, диференцијација, организација и самофокусирање.

Кај денешните луѓе, кои обично живеат во рамките на современите урбани средини, овој нагон неретко излегува од контролата на свеста добивајќи екстремни димензии. Луѓето зафатени од ваква состојба не можат да го конторлираат нагонот за собирање (купување, собирање од улица, од кантите за отпадоци) и трупање на разни (или одреден вид) предмети во своето живеалиште. Овој синдром (познат како
hoarding)добива толкави размери што го затрупува целиот простор за живеење на „собирачот“, редуцирајќи го до крајни размери неговиот социјален живот. Во некои држави постоат социјални и психолошки програми и третмани кои се специјално наменети за ослободување на луѓето зафатени од овој синдром.

Дали вие имате некаква колекција? Зошто сте почнале да ја правите таа колекција?
 
  • Ми се допаѓа
Реакции: Saladin

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
Најпрво ќе започнам со кратка историја на колекционирањето, од праисторијата, па се до современата доба.

1. ПРАИСТОРИЈА (палеолит, современи архаични заедници)

Сред археолошките пронајдоци на Палеолитската епоха, покрај разни предмети кои се однесуваат на егзистенцијата на човекот (орудија, остатоци од живеалиштата и од храната) се среќаваат и такви кои на директен или посреден начин говорат и за првите човекови обиди на колекционирање. Се разбира, тука можеме да ги вклучиме само оние предмети кои не велегувале во сферите на непосредната егзистенција на тогашниот човек (орудија, храна, облека). Станува збор за разни објекти од природно (минерално, животинско, растително) потекло кои тогашниот човек грижливо ги собирал и чувал во своето опкружување. Станува збор за разни кристали, фосили, или камења, кои најчесто имаат необична форма.

Причиниза собирање
Од денешен аспект, причината колекционирањето на вакви објекти може да се бара во неколку компоненти.
- Раритетност. Макар колку и да е вреден некој предмет, доколку до него лесно се доаѓа, односно тој често се среќава во непосредната околина, дотолку тој и пониско ќе се котира во системот на перцепција и вреднување на човекот. И обратно, колку што тој оредмет е редок и невообичен, толку ќе биде и поверојано неговото влегување во видокругот на луѓето како ексклузивен елемент и претворањето во дел од опсесиите и фасцинациите на културата на која тие луѓе припаѓаат.
- Впечатлив изглед. Колку еден предмет и да е редок, тој нема да влезе во кругот на човековите опсесии доколку со својот изглед не се издвојува од околината т.е. секојдневјето, односно не им се наметнува на неговите сетила. Некои минерали имаат правилна форма (идеален облик на призма, октаедар, топка, јајце). Фосилите оставале впечаток со својата сложеност, правилност и симетрија (школки, полжави). Во палеолитските наоѓалишта се констатирани депоа од повеќе парчиња мазни и правилно заоблени камења, при што на некои од нив, тогашниот човек додал и некакви боени или врежани орнаменти т.е. знаци.
- Други необични својства. Станува збор за оние својства кои се однесуваат на изгледот на собираните објекти, како на пример кристалите кои се впечатливи по тоа што светкаат, имаат интензивни бои, ја рефлектираат светлината, имаат правилна геометриска форма која ги прави различни од се друго природно што тогаш го окружувало човекот. Од карактеристиките на овие предмети тука можеме да го спомнеме својството на рефлектирање, деформирање и умножување на реалноста (слично на огледалото), што создавало впечаток дека во нив се наоѓа некаков друг свет кој е паралелен на реалниот. При прекршувањето на светлината, кристалите рефлектираат спектар на бои што се изедначувале со виножитото. Некои кристали фокусирале сончева светлина со што предизвикувале палење оган. Поради сиве овие својства, човекот ги присвојува ваквите предмети и започнува да ги опкружува со систем од постапки (почит, вреднување), што може да се класифицира во сферите на магијата и религијата. Во нив инвестира својства и значења кои реално не им припаѓале. Човекот што поседувал еден таков објект и самиот станувал вреден, моќен и почитуван. Овие предмети биле носени со себе на телото, на облеката, или пак стоеле во живеалиштето или на светите места. Нивното присуство во еден простор носело сигурност, среќа и благосостојба за заедницата.
Дел од нашите сознанија за оваа сфера денес ги откриваме споредувајќи ги овие древни археолошки објекти со слични појави регистрирани кај современите човекови заедници кои се одликуваат со пониско ниво на култура кое е слично на палеолитското. Овие споредби покажуваат дека главниот мотив за колекционирање на еден објект воопшто не мора да се наоѓа во неговата реална форма и реалните својства, туку во некој идеи т.е. верувања што човекот ги проицира во тој предмет, а кои при тоа немаат реална основа.
 

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
2. АНТИКА (Древна Грција)

Благодарение на бројните пишани извори, наредните фази од историјата на колекционирањето можат подобро да се следат, во рамките на цивилизациите од Стариот век. За такви колекции оформени во рамките на храмовите и владетелските палати дознаваме од историските извори кои се однесуваат на културите на Месопотамија и подоцна на Персија (Мароевиќ, 19). Особено внимание заслужуваат неколку такви примери во рамките на древнохеленската култура. При тоа се издвојуваат неколку институции од кои секоја партиципира во феноменот на собирањето и колекционирањето со свои специфични мотивации.

Објекти поврзани со колекционирањето
- Ризници во светилиштата. Во речиси секое од античките грчки светилишта, покрај другите објекти (храмови, жртвеници, статуи и т.н.) се наоѓале и по неколку помали објекти - ризници т.е. трезори (тезауруси). Секој од овие објекти бил изграден од некое посебно племе или полис (во Делфи тоа се: „Трезорот на Атињаните“, „Трезорот на Сифнијците“ и „Трезорот на Книѓаните“). Во нив, покрај другото се чувале даровите што таа задница ги заветила на светилиштето, односно божеството на кое тоа било посветено. Често станувало збор за предмети (статуети, симболи, садови, амблеми) кои биле вредни поради скапоцениот материјал, поради мајсторската изведба и поради својата старост т.е. припадноста на некои минати херојски времиња, или пак на некои прочуени или легендарни претставници на таа заедница. Неретко станувало збор и за плен собран за време на воени дејствија, кој им бил однапред ветен на боговите, поради што неговото претворање во личен имот било подложно на строга казна. Во одредени денови (празници или обреди), овие предмети се ваделе од ризниците и јавно се изложувале во нивниот трем, при што служителите ги евоцирале имињата на дарителите. Освен истакнувањето почит на дадената задница кон светилиштето и божеството, овие предмети го изразувале и статусот и достоинството на таа заедница или на конкретниот дарител. Поради ваквото значење, се водела голема грижа за содржината на ризниците и за состојбата на предметите во нив. За нив се грижеле посебно задолжени служители hieropoei (кустоси?). Тие воделе регистри во кои грижливо биле запишувани основните податоци за секој објект и за неговиот дарител. Кустосите редовно ги чистеле и дотерувале овие предмети, а по потреба, постарите и дотраените примероци ги поправале така што ги лепеле, составувале и ги чистеле наслагите нафатени на нив. Многу од наведените активности ги ставаат овие институции во блиска релација со дејностите на подоцнежните музеи.
 

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
3. АНТИКА (Древен Рим)

Од трофеи до експонати
Културата на Римската цивилизација, во прилична мера се формирала под влијание древнохеленските и хеленистичките традиции. Овој процес започнал уште со основањето на грчите колонии на Апенинскиот полуостров, но продолжил и по окупирањето на Грција од страна на Римската Империја. Тогаш се случил интересен процес: окупираната, но културно посилна хеленска цивилизација го окупирала римскиот окупатор кој на војничко и политичко ниво бил посилен, но на културно ниво послаб од неа. По заземањето на Грција и Мала Азија, римјаните, фасцинирани од културната моќ на хеленската и хеленистичката цивилизација, започнале од прочуените локации (светилишта, храмови и другите јавни објекти) да транспортираат во Италија разни предмети (мора да се напомне дека такви отуѓувања се случувале и порано, преку пљачкањето на уметничките дела од Грчките колонии на Апенинскиот попуостров). Најчесто станувало збор за статуи (особено бронзени), но и други уметнички изведени предмети. Во прво време тие биле третирани како трофеи кои требале да ја покажат моќта на Рим наспроти поразот на Грчките полиси и на Македонската империја. Овие предмети јавно се носеле и покажувале во рамките на триумфалните паради кои во престолнината Рим се реализирале по враќањето на победничката војска од некој воен поход. Потоа, поради исти цели тие се поставувале во јавните римски згради (форумите, сенатите, цивилните базилики). Но постепено, покрај овие мотивации, околу наведениве објекти започнале да се појавуваат и други, како што е фасцинацијата на римјаните од хеленската и хеленистичката цивилизација и желбата да го покажат своето познавање и почит во однос на културата и знаењето содржано во нив. Вакви предмети започнале да се колекционираат и во приватните куќи на богатите и заслужни римјани, при што тие биле изложувани во најатрактивните простории (перистили, нимфеуми, зад или во самите фонтани). Без разлика на тоа што често се работело за култни статуи со претстави на божества, тој аспект римјаните нема специјално да го перципираат.
 

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
4. СРЕДЕН ВЕК (Христијанство)

а) Негирање на античките принципи на колекционирање
Со прифаќањето на христијанството како единствена дозволена религија во рамките на Римската империја, а подоцна и во цела Европа, се случиле големи промени во сите сфери на културата од овој дел на светот. Овие промени имале силно влијание и во сферите на колекционирањето. Базирајќи се врз десетте божји заповести, христијанските отци им забранувале на своите верници почитување други божества, а во тие рамки и придавање важност на нивните ликовни претстави. Ова во одредени рамки (особено за време на иконоборството) ќе се однесува дури и на христијанските свети ликови, особено на обожувањето на нивните статуи. Поради овие причини, уште во доцноримскиот период биле започнати систематски кампањи за уништување на паганските храмови и светилишта, заедно со статуите и другите уметнички дела што ги претставувале или симболизирале нехристијанските божества. Во рамките на овие кампањи исчезнале и голем дел од спомнатите збирки на древни предмети, колекционирани од страна на богатите римски граѓани.

б) Новите христијански принципи на колекционирањето
Во оваа нова етапа, колекционирањето, оттргнато од сферите на визуелното и ликовното, ќе се насочи кон една сосем друга сфера која е силно поддржувана од црковните отци. Станува збор за колекционирањето на разни предмети кои носеле одредено религиско значење во рамките на христијанската вера:
- Посмртни остатоци т.е. делови од телото на светители и други личности заслужни за христијанството (Христос, Јован Крстител, апостолите, мачениците, значајни свети отци и т.н.).
- Разни предмети поврзани со светите христијански ликови и со важни настани од Светото Писмо (делови од крстот на кој бил распнат Христос, копјето со кое тој бил прободен за време на распетието, покров во кој бил завиткан, светиот грал, вода од реката Јордан и т.н.).
- Разни чудотворни предмети (прочуени икони, свети книги, облеки на светители, крстови и т.н.).

в) Реликвии и реликвијари
По правило, христијанските реликвии т.е. моштите претставувале предмети со неубав изглед, трошни и подложни на распаѓање кое особено прогредирало при допирите од страна на верниците, мотивирани од желбата за пртокајување со нивните свети и благотворни сили. Во 13. век дури се појавила и забрана за непосредно покажување на земските остатоци на христијанските светителите. Поради овие причини, моштите биле затворани во посебни кутии - реликвијари составени од скапоцени материјали и изработени во врвни занаетчиски техники. Поставувани се во олтарниот дел на христијанските храмови, а често и во посебни подземни комори (крипти). Се сметало дека на тој начин, нивните свети моќи ќе се прошират низ сиот храм, дејствувајќи благотворно и врз верниците. Набргу, во христијанските организации се развиле големи апетити за поседување на што повеќе такви предмети и натпревар кој од христијанските центри ќе има поголема таква колекција. Постепено се појавила и трговијата со реликвии, а со тоа и бројни примери на нивно фалсификување (и денес постојат повеќе реликвии од еден ист дел на телото на некој светител). Во големите европски катедрали се оформени богати ризници на христијански реликвии во кои богатството не го сочинувале само моштите, туку и драоцените реликвијари изработени од благородни метали и украсени со скапоцени камења. Освен реликвиите, во нив се наоѓале и други луксузни предмети користени во рамките на христијанските обреди. Наспроти фокусирањето кон сакралната вредност на овие предмети, не помалку била ценета и драгоценоста на материјалите од кои тие биле изработени (злато, скапоцени камења) и нивните занаетчиски т.е. уметнички квалитети.
 

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
5. НОВ ВЕК (Ренесанса)

По илјадагодишниот период на силна контрола од страна на христијанските установи, почнувајќи од 15. век колекционирањето во Европа навлегува во нова етапа. Овие промени ќе започнат во Италија, а ќе бидат означени со феноменот наречен ренесанса. Но, зошто токму таму?

Општествено економската база на ренесансата
Во средниот век Италија била важен мост т.е. посредник меѓу Европа и Блискиот Исток. Ова посредништо главно се остварувало на ниво на трговијата и размената со занаетчиски технологии и материјали. Уште од Стариот век, Блискиот Исток важел за регион во кој се појавувале, со векови опстојувале и се развивале врвните занаетчиски технологии (металургија, златарство, драгоцени камења, керамика, стакло, скапоцени текстили и др.). Поради својата позиција и статусот на важна поморска сила, Италија ја презела улогата на оној фактор кој посредувал при транспортот и продажбата на овие скапи призводи во Европа. Но, кон крајот на средниот век таа, од трговска сила и пасивен посредник, постепено ќе се претвори и во производител на овие скапи стоки. Ваквата монополска позиција на водечки, а извесно време дури и единствен производител, ќе доведе до рапидно економско збогатување на повеќе градови во Италија. Така, на пример, Фиренца ќе стане центар на производство на луксузни ткаенини и облека, наменети за највисоките благородници од Европските земји, додека градот Ферара - јадро на производителите на железо и особено на оружје. Во контекст на локалните општествено - политички констелации, тоа ќе ја услови појавата и зајакнувањето на една нова општествена класа - класата на слободни граѓани. Оваа класа главно ќе ја сочинуваат спомнатите занаетчии кои ќе успеат, скапите технологии од ориентот да ги пренесат и разработат во Италија. Високиот профит т.е. финасиската моќ ќе им донесе независност во однос на феудалната власт, а подоцна и политичка сила во рамките на се уште присутниот феудален систем. Во една таква атмосфера ќе се појави принципот на слобода, потиснување и ослободување од забраните наметнувани од црквата. Водечко место во овој процес ќе зазеде граѓанска класа на Фиренца.
Во ваква културна и општествена констелација, делумно ослободена од стегите на религијата, ќе се појави новиот ренесансен дух. Тој дух ќе се стреми кон уривање на христијанските забрани и повторно откривање на универзалните човечки доблести (слобода на мислата и творештвото, хуманизам, љубов, животна радост и задоволство). Барајќи го во оваа новоздобиена слобода сопствениот идентитет, врвните творци на оваа епоха него ќе го пронајдат во заборавените антички епохи, откривајќи ги повторно во се уште зачуваните дела на античките писатели. Во тој тренд ќе започне и повторното откривање на античките визуелни уметности преку прибирање, откопување и колекционирање на античките уметнички дела со кои бил преполн целиот Апенински Полуостров.
 

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
6. НОВ ВЕК (Просветителство)

Екскурс за идеалните архетипови на секоја епоха и култура
За секоја од цивилизациите т.е. епохите на човековата историја може да се издвои некаков најтипичен идеален архетип на човек кон кој повеќе или помалку се стремат припадниците на таа цивилизација. На пример, во архајскиот хеленски период тоа е херојот, на пример персонифициран во ликт на Ахил или Тезеј, во класичниот период тое умниот и хармоничен човек, претставен низ ликовите на Платон и Перикле, а во хеленистичкиот - контрадикторниот спој на двата идеали препознаен во ликот на Александар Македонски. Во рамките на римската цивилизација тоа е успешниот император од типот на Октавијан Август или Марко Аурелиј. Со доаѓањето на христијанството, овој архетип постепено се менува, преминувајќи од сферата на владетелите (Константин Велики, Јустинијан) кон сферата на христијанските светители (Христос, апостолите, мачениците и монасите). Во европскиот среден век се формира некаков заеднички спој на сиве претходни архетипови, фусиониран во ликот на храбриот, силниот, побожниот и праведниот крал, можеби најдобро отсликан во ликот на Ричард Лавјото срце. Но веднаш крај него се појавуваат и два потесно специјализирани архетипови - архетипот на монахот т.е. испосникот(скромен, чесен и посветен до крај на верата и бога) и архетипот на праведниот витез (исто така скромен и праведен, но силен, храбар и посветен на својот владетел и народ). Во периодот на ренесансата, овие неколку архетипови ќе бидат дополнети, а донекаде и потиснати од уште еден - тоа е архетипот на слободниот човек кој е хедонист, чувствителен, физички привлечен, надарен во разни вештини и области на творештвото и знаењето (Леонардо да Винчи, Микелаџело Буонароти).
- Идеалот на просветителството. Почетокот од 18. век во Европа е означен со Просветителството - ново движење водено од граѓанската класа на неколку европски земји, кое пред сиве наведени идеали си поставува нова цел - расветлување на големите тајни со кои се соочува човештвото. Ако претходните архетипови тежнеат кон тоа да се победи, да се владее, да се спознае бог, да се твори, да се чувствува и да се ужива, тогаш во овој период, пред сите идеали се поставува тежнеењето да се дознае вистината. Во тој контекст, на самиот врв на идеалнизираната пирамида на цивилизацијата се поставува науката и човекот - научник кој истражува, открива, учи, подучува знае и од позиција на зналец создава. Овој нов идеал е проследен со развојот на европската наука и образование - тренд за кој може да се рече дека оттогаш па до денешно време се стреми да ја одржи својата примарна позиција. Во европската култура на 17., 18. и 19. век можат јасно да се следат појавите кои се директна манифестација на овој архетип. Тоа се европските универзитети и големите научници кои работеле во областа на филозфските и природните науки. Врвното тежнеење да се открие, собере и синтетизира целокупното знаење на човештвото најдобро го отсликуваат големите француски енцклопедисти (Дени Дидро, Жан Лерон Даламбер) кои својот живот ќе го посветат на тоа, ова големо тежнеење да се сведе во едно единствено дело - енциклопедија на севкупното човеково знаење. Во тој дух работеле и Жан Жак Русо, Франсоа Волтер и други интелектуалци на тоа време. Многу е важно што освен вистинските истражувачи и мислители, овој идеал ја опфаќа и највисоката класа - владетелите и другите благородници. Идеален владетел веќе не е оној кој е само храбар, чесен и побожен, туку и оној кој е умен и просветен. Тоа е владетелот кој знае.
 

MissChievous

Ingenious
17 февруари 2012
5,085
7,018
1,683
Huntington Beach, California
silence-all-i-want-to-say.tumblr.com
7. СОВРЕМЕНО ДОБА ( 20 - 21. век)

Во текот на првите децении на 20. век историјата на колекционирањето, во најголема мера се движи во рамките на музејските институции. Се појавуваат нови препораки и принципи кои ќе дадат печат на целиот 20 век:
- Во музејските поставки да има помалку но повредни предмети.
- Се формираат депои во кои се чува главниот дел од експонатите, при што во поставката се изложува само еден мал дел од нив.
- Се обезбедува постојана температура, светлина и влажност во музеите. - Се оформуваат тематски поставки кои се конципирани интердисциплинарно т.е. ги надминуваат рамките на една научна досциплина или една сфера на културата.
- При оформувањето на постојаните и повремените поставки се позајмуваат предмети од други колекции и музеи.
- Во рамките на музејските поставки се форсираат помошните музејски елементи (цртежи, карти, фотографии, макети, диорами).
- Се претставува не предметот туку неговата суштина (функција, значење, материјал, технологија).

Во текот на времето се менувала потребата и причината за колектирање на разни предмети. Кое е вашето мислење на колекционирањето?
 

Saladin

Unbaised
Член на администрација
17 февруари 2012
6,024
9,655
1,683
Normandy
Моето мислење е.... Шо знам. ЈАс као археолог повеќе ја гледам историската вредност отколку матерјалната. Повеќе ме фрапира кога ќе најдам предмет in situ, па со документирање на целокупната ситуација го вреднувам дааалеку повеќе. Вака самиот предмет може има парче историја во себе, но да ми седи и да фаќа прашина, ми нема смисла. Сепак ако веќе не може да се извлече ништо од научно од предметот подобро е да се конзервира и ако има навистина естетски и уникатен изглед, сум за да се стави стрикно во музеј. Сум против приватните колекционери кои поседуваат предмети клучни за впишување и документација во научните книги. Тие на еден начин го кочат истражувањето. Но еве да речеме, ако поседуваат реплики или пак нетака битен детал од (пра)историски карактер - нема проблем.

Сеа ме потсети на една добра тема, ќе ја (ре)отворам.:)
 
  • Ми се допаѓа
Реакции: DarkPassenger